јануари 15, 2024

Скопје/Охрид, 15. јануари 2024 (ОХРИДПРЕС) – „Пријателско порамнување“ препорача експертот од ФИДИК (Меѓународна федерација на консултантските инженери), кој го анализира доцнењето на изградбата на автопатот Охрид-Кичево, и препорача кинеската „Синохидро“ да ја продолжи изградбата.

Тоа значи ниту државата како инвеститор ниту „Синохидро“ како изведувач да не бараат отштета, компанијата да ја продолжи изградбата, а новиот прифатлив краен рок за завршување на патот заеднички да го утврдат.

Јавното претпријатие за државни патишта за „Макфакс“ откри дел од анализата на експертот врз основа која Владата одлучи да не го раскинува договорот со кинеската компанија иако премиерот Димитар Ковачевски, незадоволен од тоа што автопатот се гради десет години, најави можност да се раскине и да се избере нова компанија, која навистина ќе го доврши патот.

– Во дел од анализата стои: Во состојба кога во ревидираниот краен рок за завршување на работите, 31.12.2023 година, не може реално да се завршат работите од страна на изведувачот, а земајќи го во обѕир и фактот за висок степен на физички извршените работи, финансиската реализација на проектот, степенот на решени отворени прашања и обезбедените финансиски средства со дополнителниот заем, ви предлагаме да се пристапи кон пријателско порамнување, односно продолжување со работите со прифатлив краен рок за двете страни земајќи ги предвид предложениот краен рок за завршување на работите од страна на изведувачот и потребното време за решавање на отворените прашања од страна на инвеститорот, без отштетни побарувања од страна на изведувачот и без пресметување отштета поради доцнење на градежните работи од страна на инвеститорот, велат од Јавното претпријатие за станбен и деловен простор за „Макфакс“.

Изградбата на автопатот Охрид-Кичево започна 2014 година со рок за завршување до 2018 година

Јавното претпријатие не ги откри другите наоди на експертот од ФИДИК, но нагласи дека Владата на 214. седница ги овласти Кабинетот на заменик-претседателот за економски прашања на Владата, Министерството за транспорт и врски и Јавното претпријатие за државни патишта да почнат преговори за склучување анекс за продолжување на рокот за завршување на патот и по задолжувањето е постапено, преговорите се почнати.

Од Јавното претпријатие не сакаа да откријат колкав рок овој пат ќе ѝ дадат на кинеската компанија за завршување на автопатот.

– За рок за завршување на автопатот сè уште не може да се зборува затоа што преговорите траат. Периодов, пак, имајќи предвид дека е зимска сезона, изведувачот работи на терен онолку колку што дозволуваат временските услови, велат од Јавното претпријатие за државни патишта.

Премиерот Димитар Ковачевски и минатата недела не одговори на прашањата од медиумите дали новиот анекс на договорот со „Синохидро“ и новиот рок за изградба ќе значат и уште едно поскапување на патот за кој досега трошоците се искачија на 600 милиони евра наспроти првично планираните 340 илјади евра. Кусо одговори дека дополнителните средства зависат од анализите на експертите и од Собранието, кое треба да го одобри анексот на договорот. Премиерот и минатата недела посочи дека одговорност за десетгодишното градење на патот треба да се бара од проектантите кои пред два месеци ги спореди со сметководители со погрешни завршни сметки.

– На готови делови од автопатот пред Нова година имаше 11 свлечишта и цели ридови беа паднати врз автопатот. Треба да се прашаат проектантите како можеле да проектираат на свлечиште, кое веднаш паѓа на автопатот. Автопатот е готов 80 отсто, но свлечиштата мора да се регулираат. Од она што го гледав во проектот, кога тој е направен, една од косините е така направена што почнува од Кичево, а завршува во Албанија. Тој проект е направен на Google maps, рече премиерот Ковачевски.

На крајот на 2018 година ГИМ се пофали дека е пробиен најдолгиот тунел во земјата од 1.996 метри на автопатот Охрид-Кичево.

„Макфакс“ од проектантите од Градежниот институт Македонија (ГИМ) побара објаснување дали се согласни со ставот на премиерот дека вината за доцнењето треба да се бара и кај нив, дали биле предвидени и дали можело да се предвидат свлечиштата што се појавија. Од таму не одговорија конкретно, туку наведоа дека се компанија која на поставените задачи пристапува со максимална посветеност и квалитет.

– ГИМ има изработено и проектна документација за докомплетирање на проектната документација (урбанистичка проектна документација, урбанистичка планска документација и измени и дополнувања на основните проекти) за автопатот Кичево-Охрид. Изработените проекти се однесуваат на сите подделници во согласност со потребите евидентирани во проектната програма од инвеститорот и консултантот. Целокупната документација е изработена навремено, во согласност со договорот и проектната програма и таа е позитивно ревидирана и прифатена од страна на консултантот. Мисијата на ГИМ е секогаш квалитетно, навремено и транспарентно да одговара на сите зададени задачи и одговорности“, одговорија од Градежниот институт Македонија за проблемите со патот Кичево-Охрид.

Автопатот Охрид-Кичево, долг 57 километри, почна да се гради во 2014 година, а првично требаше да биде завршен до 2018 година. Кога стана извесно дека нема да се изгради во предвидениот рок, изградбата беше пролонгирана до 30-ти јуни 2021 година, а потоа до 31-ви декември 2023 година. Рокот за сегашното пролонгирање допрва треба да биде утврден. (Крај)

извор: Макфакс фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука