септември 27, 2017

Скопје/Охрид, 27. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Компанијата ЕЛЕМ на својата официјална веб-страница почна да ги објавува податоците за нивото на Охридското Езеро.

– На нашата веб страна, посетителите ќе можат секојдневно да го следат нивото на езерото, а покрај моменталната состојба, се поставени и податоци за минималната и за максималната кота. Објавените податоци се според сопствените мерења на компанијата, што АД ЕЛЕМ, подружница ХЕС „Црн Дрим“ ги врши со водомерна летва во близина на градското пливалиште во Струга, велат од ЕЛЕМ.

Од компанијата додаваат дека новите содржини на веб-страницата се за да обезбедат поголема транспарентност во работењето, како и во интерес на засегнатата јавност.

Директорот на ЕЛЕМ, Драган Миновски, при посетата на Охрид викендов изјави дека производството на електрична енергија од акумулациите „Глобочица“ и „Шпилје“ не смее да влијае негативно врз водостојот на Охридското Езеро, а со тоа и врз езерскиот еко-систем. (Крај)

извор: ЕЛЕМ фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука