Охрид, 9.март 2015 (ОХРИДПРЕС) – Опасно свлечиште се појави над патот што води до охридското село Елшани, над автокампот „Елешец“.
Локалните жители велат дека со страв минуваат по патот кој води до нивните домови и бараат од надлежните итно да го санираат свлечиштето.
Со зголемувањето на температурите на воздухот и обилните врнежи, во овој период од годината се чести и одроните на карпите над магистралниот пат што води од Охрид кон Албанија.
Најкритично секоја година е на патот над Хидробиолошкиот завод каде испаднатите карпи претставуваат голема опасност за возачите. Одроните во овој период од годината се чести и кај комплексот „Метропол-Белви“.
Од охридската секција на јавното претпријатие „Македонија пат“ велат дека временските прилики се веќе подобрени за терен и веќе е започнато расчистувањето на одроните од патот. Оттаму појаснуваат дека локалните патишта каков што и патниот правец што води до Елшани е во надлежност на општината.
– Во овој период од годината кога се зголемуваат температурите, ерозивното земјиштето и карпите се ронат и паѓаат на патните правци поради врнежите од дожд и снег што ги имавме во текот на изминатиот период. Ние секојдневно сме на терен. Нашите екипи ги вадат мрежите од карпестиот дел и ги чистат изронетите камења за да не ја оштетат мрежата и да не се струполат одроните на патот со што ќе се загрози и безбедноста во сообраќајот, вели Крсте Ташкоски, раководител на секцијата на претпријатието „Македонија пат“ во Охрид.
Одрони во текот на изминатите години имаше и во стариот дел на Охрид. Пред две години се урна дел од карпата позади Куќата на Робевци, но за среќа не предивика поголеми штети врз музејскиот комплекс. Одрони паѓаат и над покривите на куќите во населбата „Канео“. (Крај)
извор:ОхридПрес фото:архива