Охрид, 13. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Група планинари успешно завршија уште една Западна македонска трансферзала, која има традиција уште од 1974 година.
За првпат во планинарската експедиција имаше и охриѓанец, познатиот планинар, екологист, вљубеник во природата и радио водител на Супер радио, Жанко Зш Голабоски.
Екипата ја сочинувале планинари од повеќе градови од земјава, предводени од искусниот планинарски водич Мијалчо Божиноски и Голабоски како негов помошник.
Првите пет дена искачувањето и преспивањето се одвивало на места со надморска висина над 2000 метри. Наместа екипата наишла и на обилни врнежи од дожд и грмежи, имало и повредени лица кои морало да бидат вратени на безбедно за се да се продолжи според зацртаниот план.
Стартот на Западна македонска трансферзала во должина од 225 километри беше од Старо село па се оди на Љуботен и се поминува целиот масив на Шар Планина, со вкупно осум контролни точки.
– Се искачивме на врвот Љуботен, преспивање имавме под врвот Пирибек, па го искачивме Езерски врв, па се упативме на Шара спрема врвот Елема и следна контролна точка која беше на 2600 метри надморска височина. Потоа следуваше врвот Караникола, па трансферзалата продолжува спрема изворите на река Пена, тука спиевме во логор, па се оди кон Шутман, па логор на Лера, се симнавме во Маврово, продолживме Галичник, па се искачивме на врвот Меденица. Оттука повторно се спуштивме Галичник, продолживме кон Лазарополе, па преку Гари на врвот Бабин срт, се упативме кон селото Црвена вода каде завршува трансферзалата, вели Голабоски за Супер радио и OhridPress.
Голабоски потенцира дека Западната македонска трансферзала е посакувана и е предизвик за секој планинар. Но, пред да се зафати на ваков подвиг, секој планинар мора да биде психофизички подготвен
Западната македонска трансферзала ја организира планинарското друштво „Трансферзалец“, кои заедно со целата екипа која учествуваше изразија благодарност до Веле Митаноски, кој на последната точка, во селото Црвена вода ги пречека и им посака добредојде во неговата куќа. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес