декември 7, 2017

Охрид, 7. декември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Светската награда за хуманизам за 2018 година, со која Охридската академија на хуманизмот го слави името на Св. Климент на сите светски меридијани, е доделена на Жан-Патрик Конрад, професор на Империал колеџ од Лондон и претседател на Европската академија на науките, уметностите и книжевностите.

Конрад е дванаесетти добитник по ред на ова исклучително признание со кое што Охрид, градот на УНЕСКО, веќе ги овенча нобеловците Александр Солжењицин, Херта Милер, светските легенди Даисаку Икеда, Рави Шанкар, Питер Брук, Маноел Де Оливеира, будејќи ги изворите на духовната меморија од првата средновековна школа на хуманизмот, основана од учениците на Св. Кирил и Методиј, заштитниците на Европа.

Во писмото до претседателот на интернационалното жири, амбасадорот Јордан Плевнеш, професорот Жан-Патрик Конрад истакна дека „Човештвото отсекогаш се стремело кон етичките и филозофските вредности што ги носат досегашните добитници на наградата и духот на учењето на Св. Климент Охридски потсетува дека хуманизмот ќе ги победи глобалните закани за уривање на човечката надеж.“

Од поголемиот број на одгласи од светските медиуми кои ја пренесоа веста ги издвојуваме написите во трибината на Европската Унија Euro Science, и Академската асоцијација „Марија Кири“, кои го подвлекуваат големиот научен и духовен придонес на Конрад во светската научна и духовна мисла.

Свечената церемонија на доделувањето на наградата ќе одржи на 18-ти јануари, наспроти големиот празник Богојавление, во куќата на Уранија на МАНУ. Во присуство на амбасадорот на Велика Британија Чарлс Гарет, градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски ќе му ја врачи наградата добитникот Конрад, во присуство на поголема меѓународна асемблеја на гости. Истата вечер, академик Светлин Русев од Бугарија ќе го претстави спомен обележјето „Охрид – Центар на светскиот хуманизам“, коешто во текот на следната година ќе биде свечено поставено  на плоштадот „Долна Порта“. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

 

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука