ноември 13, 2017

Охрид, 13. ноември 2017 (ОХРИДПРЕС) – И во наредните четири години Советот на општина Охрид ќе го предводи жена. Со 12 гласови „за“, за нов претседател беше избрана Живка Ангелоска.

Таа беше поддржана од 10 советници од коалицијата предводена од СДСМ и двајцата советници од коалицијата „Заедно за Охрид“. Од гласање на денешната седница се иззедоа советниците од ВМРО ДПМНЕ и советникот Филип Јованоски.

sovetsednica1
Посакувајќи успех во работата на Советот, поголема меѓусебна соработка и верување едни на други, Ангелоска истакна дека е особено горда што со Советот повторно ќе раководи жена и верува дека ќе биде на ниво на задачите.

– Како дипломиран правник ќе го насочам својот капацитет кон доследно почитување на позитивните правни прописи кои ја дефинираат работата на Советот и нашите права и должности како советници. Основен мост во работењето ќе ми претставуваат барањата, интересите и доброто на нашите сограѓани. Искрено верувам дека во наредните четири години од оваа говорница ќе слушнеме многу конструктивни дискусии, ќе имаме демократски расправи, а се помалку политички разединувања. На граѓаните им ветивме дека ќе бидеме одговорни советници и дека ќе работиме во интерес на општината. Тие ни ја дадоа довербата, сега останува на нас да ја оправдаме. Советот да носи одлуки со кои ќе поттикнува и создава услови за попристоен, подостоинствен живот за нашите граѓани, а Охрид да биде подобро место за живеење, истакна Ангелоска во своето прво обраќање како претседател.

zivka2

Таа ја потенцира транспарентноста и континуираната соработка со медиумите како основен предуслов за успех.

– Овој совет во текот на целиот свој мандат ќе ја практикува таа соработка, затоа што позитивната критика, без разлика дали доаѓа од медиумите или од граѓаните претставува прецизен патоказ кон остварување на вистинските резултати, рече Ангелоска.

На седницата едногласно беа избрани и претседателите на повеќе општински комисии. Мишел Силјаноски ќе биде претседател на статутарно-правната комисија, Константин Георгиевски ќе ја предводи комисијата за финансии и буџет, Џемал Мена на комисијата за јавни и комунални дејности, Кирил Пецаков е на чело на комисијата за урбанизам, Сашо Ставрески на комисија за општествени дејности, Лидија Петковска ќе ги предводи комисиите за туризам и локален економски развој и месна самоуправа. За претседател на комисијата за заштита на животна средина е именувана Рената Арнаудова, за млади и спорт, Гоце Георгиески, на комисијата за одбележување празници и манифестации Елеонора Куноска и за претседател на комисијата за еднакви можности меѓу мажите и жените е поставена Славица Петровска.

Охридските советници на денешната седница изгласаа измена на распоредот на средствата на буџетот на општина Охрид за 2017 година. Со оваа одлука ќе се пренаменат средства од оние ставки каде што се останати во ставката за превозни услуги во образованието. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука