Сте размислиле ли некогаш, кога би било возможно тоа, да испратите писмо до 21-годишниот Вие, и што би му напишале…
Да, токму така, да си испратите писмо до самиот себе кога сте имале само 21 година.
Тоа е возраста околу која веќе ги правиме или започнуваме со најголемите грешки во животот, мислиме дека сме со најголемите љубови, со најголемите пријатели, на прагот сме на бизнисот на животот, со девојката/момчето сме со кое ќе го „поминеме“ животот…
Тогаш започнуваме посериозно да го труеме организмот со секакви видови алкохол, токсични луѓе, психотропни супстанции и прекурсори и што ли уште не…
Што му напишале, како би го започнале воопшто писмото… Со почитуван, со драг јас или со кај си бе брат/сестро? Како се започнува писмо до некој за кој знаете се’, сакате да не ги повторите грешките, а сепак некои од нив се толку „слатки“…
Би ги избегнале ли „токсичните“ пријатели и пријателки, кои ни згрешиле толку многу. А што правиме со сите оние убави моменти кои сте ги поминале заедно. Ги губите и нив секако…
Би оделе ли повторно на одмор на оние места до каде патот бил лош, а сместувањето полошо од подрумот на баба. Ама водата беше толку чиста, луѓето толку љубезни, а школките со локалното вино уште ги чувствувате во непцата… Би се предупредиле ли да не одите таму?
Доаѓа време во животот кога добиваат вистинска смисла и ни стануваат блиски и како напишани од нас и за нас, стиховите на Балашевиќ, на Оливер, на Горан и Влатко, на Gibonni. Ги слушаш, а тебе од душата ти извираат бескрајни зборови, мисли, реченици, кои се мешаат со планината туѓи кои си ги прочитал, стиховите и нотите од музиката кои си ги слушал…
Затоа другари, тоа лудило од зборови кои врескаат во Вас да бидат кажани, канализирајте ги во тоа писмо…
Отворете Word, или уште подобро, земете парче хартија и пенкало… Напишете писмо до 21-годишниот Вие…
Јас би си кажал да не се грижам и да не планирам толку многу, да не анализирам толку многу, да ги препознам побрзо сопствените деца во очите на жената која ја сакам, би ги гушкал повеќе најблиските, мајката, бабите, дедовците, ни секунда не би посветил на тоа кој што мисли за мене, би ја потрошил секоја пара на шетање, би го видел целиот свет, би шетал бос по дождот, би викал со полни гради, би спортувал повеќе, би се хранел поздраво, за нејзината љубов би го запалил светот само за да гледаме заедно како гори, би ги купил конечно тој Fender-от и Marshall-от, без размислување и Diavel V4 со Akrapovič на Ducati, дури и Pipistrel Velis-от ако е возможно, не би дозволил болката за најблиските кои не напуштија прерано да ме убива, би знаел полесно да кажам извини, благодарам, непотребните стравови би ги претворил во насмевка, би оставил играта да ме носи, би грешел повеќе, би се смеел повеќе, би љубел повеќе… би живеел повеќе…
Отворете Word, или уште подобро, земете парче хартија и пенкало… Напишете го тоа писмо до 21-годишниот Вие…
Напишете го во еден здив, со отворено срце и прочитајте го следниот ден.
Можеби има време, надеж и желба да ја направиме промената во себе и да почнеме да живееме подобро…
ЖивоТ на OhridPress со најубавите и најинспиративните животни приказни и мудрости.
извор: ОхридПрес фото: архива