април 14, 2018

Охрид, 14. април 2018 (ОХРИДПРЕС) – Преку јавен протест во атарот на селото Ботун, кој симболично ќе започне во 11:55 часот, жителите на Дебрца, во недела, на 22-ри овој месец ќе испратат јасна и недвосмислена порака дека застануваат силно против идејата за изградба на депонија на територијата на оваа општина.

– Дебрчани, сега е моментот. Дебрца чиста ја наследивме, чиста и ќе ја оставиме, порачаа организаторите на протестот, кои во повикот потсетуваат на убавините на овој регион, но и на значењето на Дебрца во градењето на државата, тогаш кога било најтешко.

Претходно тие се организираа и формираа Координативното тело, кое има за цел да се спречи изградба на регионална депонија. Тие најавуваат низа проекти и настани со цел јавно да покажат дека како жители на Дебрца, во координација со локалната самоуправа, се решени да истраат до крај во намерата Дебрца да остане еколошки чиста и заштитена средина, без можност за сквернавење на нејзината природна еко рамнотежа.

No automatic alt text available.

Image may contain: outdoor

– Ги повикуваме сите жители на општината, како и сите кои потекнуваат од Дебрца, сите вљубеници на убавините на Охридското езеро, еколошки здруженија и сродни организации, пратениците на Републичкото собрание, советниците на општина Охрид, Градоначалникот на Охрид, сите стручни лица и релевантни институции, да се вклучат активно во овој процес на еколошка заштита на овој регион, а пред се во заштита на нашето здравје и нашите животи како и на нашите идни генерации. За сите наши чекори и предвидени активности, Координативното тело навремено ќе информира и повикува преку Славна Дебрца во Еко-Револуција, порачуваат организаторите на нивниот официјален профил на Facebook.

Паралелно со последните локални избори на ниво на општина Дебрца се спроведе и референдум на кој граѓаните имаа можност да ја изразат својата волја дали се за или против изградба на регионална депонија за цврст отпад на територијата на општината. Од вкупно запишаните 4.625 граѓани во избирачкиот список, на референдум излеглоа 3.149 граѓани или 68%. Од излезените граѓани против изградба на регионална депонија се изјасниле 2.746 или 87%, додека за изградба се изјасниле 297 или 13% од вкупно излезените граѓани.

Градоначалникот на oпштина Дебрца, Зоран Ногачески изјави дека целосно ќе ја почитува волјата на граѓаните кои на референдум се изјаснија против изградба на регионална депонија во атарот на селото Годивје. Ногачески таквиот став го изнел и на средбата на премиерот и министерот за животна средина со градоначалниците, посветена на решавањето на проблемот со депонирањето и третманот на цврстиот отпад.

Во меѓувреме својот глас за чиста Дебрца го кренаа и многу видни интелектуалци и граѓани кои потекнуваат од овој крај. Последен со реакција се јави писателот и амбасадор Трајан Петровски, кој преку отворено писмо до Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев испрати апел да не се гради Депонија во Дебрца. Против изградбата на регионална депонија во селото Годивје отворено се спротивставија и од Општинската организација на Партијата на пензионери (ПП), за општините Охрид и Дебрца. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука