Охрид, 26. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Жителите на селото Климештани, што се наоѓа 15-тина километри од Охрид, во сабота, на 30-ти ноември 2024 година ќе одржат протест со блокада на каменоломот, лоциран во непосредна близина на селото.
– Драги Климештанци, драги сограѓани, македонски народе, ве повикуваме оваа сабота на 30-ти ноември 2024 година, да ни се приклучите на протестот и блокадата на каменоломот во Климештани. Нашите барања кон фирмата која го управува овој каменолом не се исполнети. Сите законски рокови се пробиени и затоа нас единствено ни останува да одиме на протест. Селото Климештани е покриено од прашина, а минирањето ни ги оштетува куќите. Земјоделските насади ни се загрозени, како и водоснабдувањето, стои во повикот на жителите, објавен на социјалните мрежи.
Додаваат дека немаат време да чекаат на милост или немилост од одговорните.
– Ги земаме работите во свои раце. Приклучете ни се, додаваат жителите на селото Климештани. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива