Охрид, 16. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Читатели на OhridPress од селото Пештани испратија фотографии до нашата редакција од состојбата во која се наоѓа патниот правец Охрид-Св. Наум, на потегот кој поминува низ селото.
Велат дека состојбата е непроменета цел месец и дека се гушат во прашина со секој поминат автомобил на овој фреквентен патен правец, кој води кон границата со соседна Албанија, но и бројните туристички места на овој потег на Охридското Езеро.
– Станува збор за потегот од црквата „Св. Богородица“, па се’ до излезот од селото. Значи целиот потег на селото е зафатен. Асфалтот е изгребан, направени се подготовките, но така остана веќе еден месец, велат во дописот.
Овој зафат е дел од реконструкцијата на регионалниот пат 1301, кој води од Охрид до Свети Наум, која започна на 24-ти октомври 2023 година. На делницата која е завршена е извршено парцијално проширување на коловозот на поголемите кривини, а на дел е извршено и тампонирање.
Овој патен правец беше во исклучително лоша состојба и е едно од главните барања на граѓаните за проширување и средување на истиот за да може нормално да се одвива сообраќајот. Води кон селата на овој дел од регионот, манастирот „Св. Наум“, но и кон граничниот премин со соседна Албанија, што го прави особено важен, но и фреквентен, особено во текот на летните месеци. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес