Охрид, 17. октомври 2019 (ОХРИДПРЕС) – Бројни граѓани на Охрид од населбата „Христо Узунов” попладнево протестираа против поставувањето базна станица за мобилна телефонија на една од зградите во населбата.
Иницијативата е покрената поради нивната загриженост од штетните влијанија и зрачењата на антената за кои сметаат дека негативно ќе се одразат врз здравјето на сите жители, како од зградите, така и од инидивидулните станбени објекти во непосредна близина.
Петицијата досега ја потпишале повеќе од 800 лица, но сметаат дека тој број многупати ќе се зголеми оттаму што во непосредна близина на антената има повеќе од 20 станбени згради, со неколку илјади жители.
Учесниците на протестот ги повикаа градоначалникот, советниците во Општина Охрид и пратениците од градот да ги поддржат и да помогнат во решавањето на проблемот.
Инаку, за поставување на антената согласност дале над 51 отсто од станарите во влезот на зградата каде треба да биде поставена базната станица, а за која веќе е поставена носечка конструкција. За мислење и согласност не биле повикани станарите од соседниот влез на истиот објект.
Со реакција изледоа и од „Македонски Телеком“, од каде преку допис до медиумите ги известуваат граѓаните од населбата „Христо Узунов“ во Охрид дека базната станица која се поставува на станбена зграда во населбата е иста како стотици други базни станици поставени на објекти (станбени згради, приватни и деловни објекти, јавни установи, болници, фабрики…) во населени места во сите градови во Македонија.
– За поставување на базната станица, Македонски Телеком ги има сите потребни документи од општината и другите надлежни институции согласно законските прописи, како и согласност од станарите на зградата.
Македонски Телеком има извршено мерења на нејонизирачко зрачење на голем број објекти каде што се поставени базни станици и утврдено е дека базната станица е безбедна за здравјето на луѓето од непосредната околина. Мерењата се извршени од институции кои се лиценцирани за вакви мерења согласно законските прописи за дозволеното ниво на нејонизирачко зрачење на Република Македонија. Доколку граѓаните сакаат дополнително да се уверат дека поставувањето на базната станица е безбедно, може да побараат дополнително мерење од Агенцијата за Електронски Комуникации која по службена должност ќе ги изврши мерењата и ќе ги достави резултатите. Поставувањето на базни станици е неопходно за квалитетот на телекомуникациските услуги, како за внатрешно покривање во објектите, така и за обезбедување на доволен капацитет на мобилната мрежа. Доколку се престане со поставување на базни станици, квалитетот на мобилната мрежа во Охрид ќе се намалува бидејќи постојните базни станици се со ограничен капацитет, а податочниот сообраќај постојано се зголемува. Мобилната технологија постои повеќе од 25 години и досега нема ниту научни ниту практично потврдени докази дека е штетна за здравјето на луѓето. Начинот на поставување на базни станици во населените места по ништо се разликува од воспоставената практика во сите земји во светот и тоа е единствен начин да се обезбеди квалитетна мобилна мрежа која може да одговори на барањата на корисниците, стои во реакцијата. (Крај)
извор: МИА/ОхридПрес фото: FB: Ane Bane