Струга, 5. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Жителите од струшките села Подгорци, Октиси, Лабуништа и Боровец утре ќе протестираат пред објектот на ЕВН – Македонија во Струга.
Како што изјавија од Иницијативниот одбор којшто е составен од претседателите на месните заедници на четирите села, жителите се револтирани поради тоа што имаат чести прекини во електричното напојување, а со тоа, велат претрпеле и огромни штети.
– Во текот на утрешниот ден ќе ги блокираме семафорите и крстосницата на влезот во Струга во 13 часот и 45 минути, а потоа ќе се упатиме кон зградата на ЕВН во Струга. Сакаме да го изразиме нашиот револт поради однесувањето на ЕВН. Преку мирниот протест ќе побараме санација и адаптација на електричната мрежа во четирите села, но и да бидеме информирани за секоја работа што ја врши ЕВН на терен кај нас, вели претседателот на месната заедница од селото Подгорци Мирсад Реџоски.
Како што додава тој, прекините на струја во овие населени места се многу чести, а најзачестени се по 28-ми декември кога жителите останаа без електрична енергија повеќе од една седмица.
– Немавме струја завчера, а прекин во времетраење од два-три часа имаше и во текот на вчерашниот ден. Овие прекини се случуваат скоро секој втори ден и токму поради тоа не можеме нормално да функционираме, додава Реџоски.
Според него, 56 семејства од Подгорци, како резултат на честите прекини во снабдувањето со електрична енергија претрпеле и огромна штета во нивните домаќинства. На 27-ми јануари до ЕВН доставиле и барања со информација за претрпената штета, но до денес не добиле никакво одговор. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива