Охрид, 11. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Месното население во охридското село Љубаништа каде државата планира да експроприра земјиште за изградба на туристичка развојна зона треба да се состане деновиве и да одлучи во која насока ќе се одвиваат настаните за зачувување на нивните имоти.
Состанокот требаше да се одржи минатата седмица, но, како што информираат од месната заедница во селото, беше одложен заради лошите временски прилики.
– Голем број иматели на земјиште во Љубаништа кои не живеат од селото беа спречени да дојдат заради лошото време, и затоа го одложивме состанокот. На таа средба беа поканети и министрите Ставрески и Јанакиески, како и градоначалникот Никола Бакрачески. Поканата и натаму останува отворена зашто сметам дека најдобро е да се седне на заедничка маса и така да се расправа и решава за проблемите, вели претседателот на месната заедница во Љубаништа Владо Трајкоски.
Иако жителите од селото, по донесувањето на владината одлука на предновогодишната седница на 29-ти декемри, негодуваа и најавија дека е можно да го блокираат главниот пат кој ја поврзува Македонија со Албанија, па дури и да применат граѓанска непослушност, сепак, засега не падна никаква одлука како ќе се делува понаму врз државните институци за да се заштити нивниот имот кој го наследиле од нивните предци.
– Ништо нема да преземаме без согласност и договор со жителите и со координативното тело формирано за решавање на нашиот проблем. Што ќе одлучат мнозинството граѓани, тоа ќе се примени, вели Трајкоски.
И жители од селото велат дека биле информирани за саботниот состанок, но заради малиот одзив тој не се одржал.
– Се’ уште не знаеме што ќе се случува со нашите имоти. Немаме ниту повратна информација од надлежните. Никој ништо не кажува, никој ништо не презема, вели жител од селото Љубаништа.
Државата пренамени околу 1,7 милиони метри квадратни земјиште од земјоделско во градежно земјиште за изработка на урбанистичка планска документација за изградба на туристичка развојна зона во Љубаништа во Охрид. Се работи за земјиште кое во најголем дел е имот на локалното население, еден дел е викенд-населба, но има и земјиште кое и припаѓа на дебарско-кичевската епархија. Владата ја донесе ваквата одлука на предновогодишната седница одржана на 29-ти декември минатата година.
Жителите од Љубаништа во повеќе наврати негодуваа и беа против да им се одземе земјиштето што е во нивна сопственост. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива