Охрид/Корча, 13. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Викендов во Албанија се одржа Таеквон-до ИТФ ревијален натпревар „Корча Опен 2024“, на кој десет од нашите најдобри таеквондисти од четири македонски клубови освоија вредни награди, информираат од Македонската традиционална таеквондо федерација (МТТФ).
– Можеме да се гордееме на нашите натпреварувачи кои, иако исцрпени од претходните натпреварувања и училишни обврски, сепак докажаа дека вреди да се вложува во нив. Го дадоа својот максимум и не израдуваа со одлични резултати. Натпреварот беше ревијален, но отидовме да ја провериме формата на нашите натпреварувачи, бидејќи пред на се двата најтешки натпревари оваа година – од 30-ти ноември до 2-ри декември 2024 година ќе се одржи „Европскиот куп“ во Софија, Бугарија, а од 13-ти до 16-ти декември 2024 година, во Солун, Грција ќе се одржи Меѓународен Таеквон-до ИТФ А класа натпревар, јубилејно 10 издание на „Кинг од Таеквон-До“, кој е најголем и најсилен натпревар во светот, на кој учествуваат многу репрезентации, а една од нив е и репрезентацијата на Аргентина, вели претседателот на МТТФ Марјанчо Лазаревски.
Освоени пехари:
– ТК „Хва Ранг ИТФ“ Лескоец, Охрид: Анастасија Чулческа, Теодора Тодороска, Климент Богоески, Миа Танеска и Давид Ристески,
– ТК „Чонџи“ Косел, Охрид: Михаил Крстаноски и Јохан Парулески,
– ТК „Ахилиус“ Скопје: Божидар Димитриевиќ и
– ТК „Мастер“ Охрид: Теодора Митреска и Филип Митрески. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива