Охрид, 28. август 2019 (ОХРИДПРЕС) – На празникот Успение на Пресвета Богородица во кругот на обновената црква во селоto Скребатно се подготвува и дели ручек за 5.000 луѓе, со што се продолжува заветот даден пред повеќе од два века.
Тоа е голем црковно-народен собир посетен од 7-8 илјади домашни и гости од странство, на кој во кругот на обновената црква „Св. Богородоца“ се подготвува и дели ручек за 5.000 луѓе. Необично во целата приказна е што Голема Богородица, како што народот го нарекува големиот христијански празник, толку масовно се празнува во планинското село кое одамна е напуштетно и нема ниту еден постојан жител.
Собирот во секој негов дел секогаш е одлично организиран, уредени се паркинзи и важи посебен сообраќаен режим за празникот што ги поштедува гостите од застои и нервози. Се служи манастирска ракија и храна за 5.000 гости, а секогаш е весело со ора и изворна музика. Сето тоа е дело на луѓето што се иселиле од селото, но не само што не го заборавиле, туку со воодушевувачка посветеност и заедничка работа создаваат од Скребатно успешна приказна која секоја година привлекува се` повеќе гости.
дел од казаните во кои се подготвува ордијата
Заветот на овчарот
Најголемиот дел од работите во манастирскиот комплекс во Скребатно се прават волонтерски, со огромен труд и енергија на луѓето што потекнуваат од селото. Или, како што велат скребаштани, се` се прави за здравје и од народ за народ, во заедништво со Македонската православна црква.
Според легендата, традицијата со заедничкиот ручек – ордија, почнала пред повеќе од 200 години кога еден овчар од селото на ливадата го зафатило силно невреме со громови. Тогаш тој се заветувал дека ако остане жив, како благодарност ќе заколе две овци и ќе чести ручек. Во истиот момент невремето се смирило.
Скребатно – одмор за телото и душата
Денес ордијата се прави на тревникот над црквата. Гостите се сместуваат во низи, секој ред лице в лице, а скребаштани ги послужуваат. Ручекот се сервира секогаш во глинени пајнци и се јаде со дрвени лајци. Такви комплети има над 5.000, колку што ручеци се делат секој 28-ми август.
Иако имало и има понуди од повеќе фурни да даруваат леб за празникот, тоа никогаш не било прифатено. Целиот леб рачно го месат домаќинките од Скребатно. Лебот што ќе остане по ручекот се продава на лицитација. Обично се печат над 80 фурни леб или повеќе од 640 пешници. Секое семејство што го подготвува лебот донира и зеленчук за јагнешкиот гулаш. За ручекот се колат околу 70 јагниња.
Собирот, вака како што се одржува денес, е обновен пред повеќе од три децении. Го организира и води одбор во кој се луѓе кои потекнуваат од Скребатно и секој одбор досега завршил некој битна работа за собирот да успее. Првиот одбор го направил патот до селото, вториот донел струја, а пред неколку години е обновена и проширена црквата „Св. Богородица“, која добила и нов живопис. Тоа било направено со парите од изнесувањето и лицитацијата на црковниот бајрак, што е важен дел од прославата.
црквата „Св. Богородица“ во Скребатно
За црквата, за која се смета дека потекнува од 15-тиот век, постои легенда дека требало да биде направена на друго место, но секоја ноќ алатите биле пренесувани на сегашната локација. Мештаните поставувале ноќни стражи за да утврдат што точно се случува, но стражарите редовно заспивале, по што црквата и била изградена на местото што го барала таинствената сила.
На собирот во Скребатно секој може да учествува и да го помогне на кој било начин. Може да го помогне со пари, со некоја друга донација, со работна рака, а може да биде и само гостин. Секоја година се регистрираат најмалку по 300 до 500 нови гости. Секоја година на ливадата над црквата три дена пред Голема Богородица се поставуваат од 100 до 200 шатори. Во манастирот постои кујна, а гостите може да ги користат и неколкуте фурни што се дел од комплексот. (Крај)
извор: Дневник/ОхридПрес фото: ОхридПрес/архива