октомври 8, 2023

Струга, 8. октомври 2023 (ОХРИДПРЕС) – Со традиционалниот пикник и поетскиот хепенинг во Вевчани, заврши единаесетото издание на познатата меѓународна манифестација „Струшки книжевни средби“ – 2023.

Според масовноста во присуството и реализираните содржини, се покажа, уште еднаш, дека жителите на Струга, а со нив и потомците, имаат слух за поетското создавање, соодветно на славата на легендарните претци, браќата Константин и Димитар Миладинови.

Во Големата сала на НУ Центар за култура „Браќа Миладиновци“, настапија бројни автори од Македонија, Србија и Црна Гора, при што, учеството на младите остави посебен впечаток. Стефанија Лаброска и Климентина Димитриеска, од Струга, заедно со вевчанката Верица Мукоска и охриѓанката Емилија Каранфилоска, која ја понесе Награда за „Млад автор на годината”, беа примени со воодушевување од бројната публика.

Каранфилоска е на престижната награда „Живко Чинго“ за 2016 година, за најдобар краток расказ, потоа на Европската награда за поема посветена на „Денот на Европа“ за 2020 година, како и на „Наградата за најдобра беседа“ посветена на Прличев за 2023 година.

На ист нaчин беше примен, исто така, младиот, а веќе пошироко афирмиран автор, Дарко Лешоски, кому му беше врачена Наградата „Автор на годината“ („Македонска поетска ризница“). Во делот за настап на автори од повозрасна група, се претставија Адем Абдулаху oд Тетово, Бајрамали Селими од Гостивар, потоа Митре Мангоски Радождански од Струга и МиркоТомоски од Охрид.

Кај гостите од странство, впечаток оставија Неделјко Терзиќ, Виктор Шеќероски и Веселин Мишниќ, како и Лабуд Н. Лончар, од Црна Гора, кој ја прими годинешната Награда за „Посебни книжевни достигнувања на автор од странство“. Тој е член на повеќе книжевни здруженија во земјата и странство, има објавено 5 збирки поезија, пишува проза и е колумнист во релевантни медиуми. Песните му се преведени на германски, англиски, француски, полски, руски, русински, македонски и бугарски јазик.

Највозрасниот меѓу учесниците, доаенот на македонското новинарство, публицистот, поет, раскажувач и автор на телевизиски сценарија, Мишо Китаноски, ги освои стружани и другите гости, со своето „Слово за поетска Струга“.

Публиката, со овации го проследи доделувањето на Наградата за „Животно дело“ на Мишо Китаноски. Чин за паметење, ќе биде настапот на Наум Бајо, новинар и книжевник, член на Друштвото на писателите на Македонија, кој, воедно, ја доживеа и промоцијата на неговите три тома од книгата „Мојата Струга“, а вети уште толку за догодина.

Присутните, ја доживеаја и музичката изведба на „Т’га за Југ“ од Констанин Миладинов, интерпретирана од младиот поет и музичар, Константин Миладинов. (Крај)

извор: Веле Митаноски фото: Веле Митаноски

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука