октомври 23, 2014

За Охридцките работи Бр. сл. 001/04/2013 Охрид, 17. април 2013 година

Вака така поминаа и овие избори. По нив, кој насмеан, кој расплакан, кој допрва ќе плаче… Аку, ни требаше промена, редно беше да ја видиме и другата страна на паричката. Да видиме дали сега река од инвестиции ќе нагрне во Охрид, дали ќе станеме градот од соништата како што ни ветија…

Деновиве во Охрид е модерно да си ВМРО-вец. Па тоа цел град ги пребројува своите лични Дела направени за каузата, во надеж дека и за нив ќе има по некоја „коска“. Кислородот го потрошија во објаснување и докажување. Досегашните директори и директорки ги извадија црвените книшки и се колнат во се живо до трето колено дека за СДСМ читале некаде, ама не се сигурни што точно значи кратенката. Но нејсе, тоа и беше за очекување, особено по ваква фуриозна победа на кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ во Охрид, но и на коалицијата во целата држава.

За досегашниот градоначалник, Александар Петрески повеќе нема многу да пишуваме, затоа што го правевме тоа кога беше најмоќен и кога најголемиот дел молчеа. Сега имаме за кого да пишуваме и чии потези и Дела да ги анализираме – на локално ниво тоа е секако новиот градоначалник Никола Бакрачески, кој се надеваме дека ќе извлече поука од грешките на својот претходник и дека ќе успее да спроведе барем дел од она што го најавуваше за време на кампањата и за што граѓаните му го дадоа гласот.

– Бакрачевски треба да се труди да го задржи сопствениот интегритет, кој според мое мислење е неговиот најголем адут, и да извлече вредни искуства од поразите на ВМРО-ДПМНЕ изминатите два циклуси.

Ова, на прашањето на колегите од Охрид1 – Што мислат новинарите кои се предностите на Бакрачески и Петрески, го напишав за изборот на Бакрачески ноќта на 16-ти декември минатата година кога беше јавно објавено дека токму тој ќе биде кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ за Охрид.

– Јас досега немам пораз, отприлика вака изјави новиот градоначалник Бакрачески веднаш по објавената победа во првиот круг. Најискрено, за негово, а пред се добро на целиот град му посакуваме таа состојба да ја зачува барем до крајот на мандатот. Дали ќе успее да им се спротивстави на гладните усти, подземјето, надземјето и сите други Сцили и Харибди кои се длабоко инсталирани околу него, останува да видиме. Сега го очекуваат многу тешки одлуки, одлуки во кои ќе мора да го вложи комплетниот сопствен авторитет и да остане доследен на зборовите со кои „ги купи“ охриѓани да му го дадат гласот.

А на победата нема да и гледаме во забите. Исто како што не ги броевме специјалците кои по дојавата за бомба влегоа во Општина Охрид пред многу години и што се тие направија или не направија таму, нема да ја анализираме и оваа победа (освен ако не се јави потреба за тоа секако). Победата е тука, имаме нов градоначалник и нов ловџија (ако Петрески си го исполни ветувањето кое сам го даде на 5 јануари).

Прилогот и мини интервјуто кое неодамна го објавивме со новиот градоначалник Бакрачески околу дисциплинирањето и воведувањето ред во Општина Охрид предизвика реакција и критика на социјалните мрежи. И не толку за напишаното, колку за Супер радио како куќа, демек не сме пишувале за битни теми, туку таму за некое дисциплинирање на вработените во општината. За што ние пишуваме како медиумска куќа знаат добро оние кои редовно не слушаат и читаат и со кои зад себе имаме 20 прекрасни заеднички години. Тие се нашата најголема сила и тие знаат најдобро зошто го прават тоа, сигурно не сме толку убави (тоа секако не) или паметни, или влијателни, или… Па сега, толку клиенти, толку народ да верува во таму некое си таму Супер радио… А и кој го знае барем малку карактерот на првите таму (во тоа таму Супер радио де), тој сигурно знае колку тие се материјал за кршење и виткање. Но нејсе, право е на секој да го каже своето мислење, особено оние кои биле дел од оваа куќа, се самопоканиле на нашите најсвечени моменти и се гордееле подоцна со истото. Ние најдобро знаеме дека секој јавно објавен збор е подложен на критика и тоа максимално го почитуваме.

Ајде значи уште еднаш за да не останеме недокажани или неразбрани. Секоја чест за вработените во локалната кои чесно си ја вршат работата, но ќе се согласиме дека голем дел таму се вработени „по баби ил` по стричевима“ и не знаеја со себе што да прават, камоли дека сработуваа нешто. Сега на зијан се и кафулињата во Охрид, кои останаа покуси за многу утрински кафиња испиени во текот на работното време секако.

И доста за големите и малите, нашите и нивните… Зборуваме за Охрид и Охридцките работи.

Оваа солза Господова што е пред нас деновиве ни ја покажа целата своја сила и убавина. Како да сакаше уште еднаш, по којзнае кој пат да ни покаже колку сме сите мали и дека е крајно време да се вратиме на суштината, на вистинската смисла на животот. Градот Охрид не смее да биде плен за локалните моќници или паричка за поткусурување на некои белосветски измамници кои ги примаме со раширени раце како да се најголеми спасители.

subraterevo

– Како е чичко во селово, се живее ли, го запрашав деновиве еден постар човек кој седеше пред својата куќа во Љубаништа.

– Еве, го чекаме Ројтерс да не спаси, ми одговори со насмевка.

Спасот на Охрид не е ниту во Субрата Рој(терс) и сличните на него, туку во самите нас, луѓето кои живеат тука, кои творат тука, кои вградиле макар и најмал дел од себе во секое негово камче. Некаде прочитав дека „иднината е семе на минатото“ и дека „најдобар начин да ја предвидиш е самиот да ја создадеш“. Охрид заслужува и мора да добие повеќе, а за неговата иднина сме одговорни сите, без исклучоци.

Големиот Прличев еднаш рекол „излезете во Европа за да видите дека сте никој и нишчо“ за да не натера да излеземе од секојдневното опкружување и да ги одмериме силите со светот. Таму излегоа и станаа Охрид и еден Владимир Четкар, Дамјан Пејчиноски, Димитар Камнаровски и многу други. Охрид е „Охридско лето“ и Балканскиот фестивал, Охрид е и @Бетмен велит во паралелниот свет, Охрид е Ана на „Антена“, Жанко на Супер и гласот на тетка Норче на некогашното Радио Охрид, Охрид се фотографиите на Стојан, Охрид се спотовите на Даниел, Охрид е утринскиот ѓеврек, Охрид е рибата во „Далга“, кафето во „Аквариус“, Охрид е скарата во „Панорама“, чорбата во „Фортуна“, првото јајце за Велигден во Каменско… Охрид се и Косел, Пештани, Лакочереј, маските во Куратица, црешите во Лескоец, некогаш и Билјанини Извори беа Охрид. Сето тоа заедно е нашиот Охрид и многу повеќе од тоа.

ohridfina1

Дека има плевел меѓу нас? – секако. Дали е се на своето место и дали функционираме како градска средина? – тоа никако. Да тргнеме секој од себе и од тоа колку ние сме направиле за својот град. Декларативните празни зборови паѓаат пред сите диво или полудиво никнати згради, мостови, пред личните интереси, пред „угледните“ граѓани кои го купиле угледот кај некој „поугледен“ од нив на попуст, пред милионите кои ги прават на наш грб, колнејќи се во правдата и вистината…

А сега?

Сега многу од коцките се склопени и ако не друго повеќе нема да слушаме тажни приказни дека некој таму не ги оставал да работат, дека некој таму во се ги спречувал. Заврши таа приказна… Сега охриѓани ќе знаат точно кого да го пофалат за се што ќе биде позитивно направено и нормално да го казнат за спротивното.

Рипката Желба која деновиве, доколку ја сака новиот градоначалник ќе стане и таа нов жител на улица „Димитар Влахов“ број 57, има лоша навика да памети многу повеќе од стандардните 2-3 секунди. Доколку нејзиниот цимер од истата адреса заборави на дадените ветувања, секако дека ќе бидеме тука да го потсетиме.

Битката за „Димитар Влахов“ бр. 57 заврши. Охрид го одбра својот адут. Тој е на потег…

Ту би кантинјуд…

Сашо Митан

За Охридцките работи на Facebook

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука