Скопје, 12. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Ноќеска на полноќ заврши рокот за увид во Избирачкиот список и за пријавување на дијаспората за предвремените парламентарни избори на 12-ти април.
Од ДИК информираат дека и покрај мерките за справување со Корона вирусот, нејзините активности продолжуваат согласно одлуките на Владата. Како ќе се постапува натаму зависи од одлуките на Владата и денешната лидерска средба.
Според податоците на ДИК, од 26-ти февруари, кога започна увидот во Избирачкиот список, до 10-ти март, во подрачните единици и канцеларии на Комисијата во земјата увид направиле 9.084 избирачи. Запишани во Избирачкиот список во истиот период се 233 граѓани. Решение за бришење е донесено за 47 граѓани, а за 74 граѓани е извршена промена на податоците во Избирачкиот список. Деветмина граѓани кои направиле увид биле со поништено живеалиште.
Нема информација колку граѓани ги провериле своите податоци електронски преку апликацијата на веб страната на ДИК.
ДИК по барањата и пријавите на граѓаните е должна да одлучи со решение во рок од 24 часа од денот на приемот на барањето. Против решението со кое се одбива барањето, граѓанинот во рок од 24 часа од приемот на решението може да поднесе тужба до Управниот суд по електронски пат. По тужба, Управниот суд одлучува во рок од 24 часа од приемот.
Ноќеска на полноќ заврши и рокот за увид во Избирачкиот список и за пријавување на дијаспората за гласање. До вчера (11-ти март) до 11:00 часот пријавени за гласање во дијаспората биле 6.308 македонски државјани. ДИК прифатила 4.806 барања, додека 1.442 се необработени. Гласање во дијаспората ќе се организира само доколку бројот на пријавени е над 6.540 односно онолку колку што на последните избори освоил пратеникот со најмал број гласови. Неизвесно е дали ќе има гласање во дијаспората и поради состојбата со Ковид-19.
Најмногу пријавени за гласање во дијаспората има во Мелбурн – 678, во Венеција – 619, во Берн – 538, во Берлин – 484 и во Торонто – 384. Поради Ковид-19 Италија е во карантин до 2 април, а ситуацијата се усложнува и во другите земји. Во оние градови каде што ќе има пријавено помалку од 10 гласачи исто така нема да се организираат избори.
Според Роковникот за изборите, ДИК е должна во рок од пет дена (16-ти март) од денот на завршување на јавниот увид, Избирачкиот список да го достави до политичките партии. Партиите, пак, до 19-ти март доставуваат барање за запишување, дополнување или бришење на податоци. ДИК по поднесеното барање одлучува со решение во рок од два дена од денот на приемот на барањето. Против решението на ДИК, политичката партија може да се поднесе тужба до Управниот суд во рок од 24 часа од приемот на решението. Управниот суд е должен да одлучи во рок од 24 часа од денот на приемот на тужбата.
Она што е новина е што во Избирачкиот список од годинава ќе бидат ставени сите лица со 18 години на денот на изборите. Предвидено е МВР во рок од еден ден од завршувањето на јавниот увид да достави листа на државјани кои поднеле барање за издавање нова лична карта или патна исправа по кој било основ и истите ги подигнале од денот на распишување на изборите до денот на завршување на јавниот увид и листа на лица кои ќе наполнат 18 години до денот на изборите. ДИК податоците за овие лица ги впишува во Избирачкиот список по службена должност.
На изборите ќе можат да гласаат само граѓаните со важечка лична карта и пасош. Во спротивно тие нема да можат да го остварат правото на глас.
До 17-ти март до ДИК треба да пристигнат и податоци за лицата од затворите, во притвор и во куќен притвор, како и од МТСП за лицата кои се пријавиле за гласање во установи за вонсемејно згрижување.
Избирачкиот список во кој се извршени сите промени кои произлегле од јавниот увид, отпечатен во вид на изводи, ДИК го заклучува најдоцна до 23-ти март. Заклучениот Избирачки список, ДИК го потпишува најдоцна на 2 април, односно десет дена пред одржувањето на изборите. (Крај)
извор: mia.mk фото: архива