Охрид, 9. јули 2017 (ОХРИДПРЕС) – Претходно незабележаната и долга серија од над 1.200 потреси на тлото, охриѓани буквално „ги извади од памет“ периодов наназад.
Ноќеска, навистина беше релативно мирно, по земјотресот од 3,7 степени со епицентар во селото Косел, 21:31 часот, но со искуството од претходната непреспана ноќ, граѓаните се при крај со трпението. Речиси еден месец, тлото се тресе, веќе не се знае што е ден, а што ноќ. Охриѓани дремнуваат преку ден по плажите, користејќи лежалки, така што си ги заменија улогите со туристите.
Навистина има и туристи, особено од странство, нова појава се „патувачките куќи“ на четири тркала, кои ги има по автокамповите, покрај езерскиот кеј, на сите слободни паркиралишта. Голем е бројот на оние што навечер, скришум, се измолкнуваат од своите домови, ги земаат возилата и бараат, според нив, побезбеден простор, за колку – толку да дремнат.
Охриѓани, одеднаш, од домаќини постанаа гости во автокамповите. Не им е далеку и оној во Свети Наум, во сопственост на АРМ, по одлуката на Министерството за одбрана да го отвори за граѓаните.
– Ако не сите, барем децата да се засолнат, коментира охриѓанка сместена со внуците во автокампот „Васко Карангелевски“ во Свети Наум.
Непреспани и заморени, во постојан стрес и неизвесност, особено тешко се поднесуваат ноќните поместувања на толото. Веќе неколку ноќи по ред, тресе навечер и околу полоќ.
Така беше и синоќа на четири минути по полноќ, кога силно тресење и бучава го здрма Охрид. И како тоа да беше малку следуваа уште седум помали последователни потреси. Охриѓани велат дека агонијата и несоницата повеќе не се издржуваат, а на дел не им помагаат и седативите. Тлото толку долго не мирува, што веќе е мал смирувачкиот ефект кој доаѓа од дежурните сеизмолози. Тие апелираат граѓаните да останат смирени и да не паничат, а медуимите да не ги вадат од ракав бројките за јачината на земјотресите и да не подгреваат паника и страв кај населението.
Нивниот став е дека не е очекувано да има потрес поголем од 5 степени, како оној кој се случи во понеделникот. Дополнително објектите се издржливи и тестирани на посилна јачина за која охридскиот регион нема потенцијали.
Сепак градот е полуиспразнет, земјотресите ги избркаа и домашните, но и дел од странските гости. Угостителите се исплашени дека ваквата ситуација ќе им ја уништи сезоната.
Дневната, каква таква живост, ја нема навечер освен по кафулињата и ноќните клубови, кои организираат забава за помладите, поради новиот феномен – сите што во градот дошле од селата на некогашната Охридска околија, навечер да се враќаат таму. „Земјотресите го вратија животот на село!“ – се шегуваат мајтапчиите.
Охриѓани живеат под постојан стрес од 18-ти јуни, кога започна да се тресе тлото под Охрид.
– Ова не било. Трае предолго и премногу е тоа, ни создава преголем стрес и мора човек да се тргне на страна малку во вакви ситуации, е најчестиот коментар.
Охрид го потресоа повеќе од 1.200 земјотреси. Најсилниот се случи на 3-ти јули со магнитуда од 5 степени по Рихтер. Иако земјотрес не може да се предвиди, сеизмолозите сметаат дека не треба да се очекува посилен потрес и дека тлото под Охрид полека ќе се смирува. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива