Скопје, 6. март 2015 (ОХРИДПРЕС) – Претседателот на СДСМ Зоран Заев денес, во рамките на „Вистината за Македонија“, се очекува да ја „фрли“ седмата т.н. „Бомба“.
На последната прес конференција во Скопје тој објави информации, за како што кажа, директивите кои ги давал премиерот Груевски за подигнување милионски кредити од странство, буџетските трошоци, рекламите, но и честа и достоинството на народот и државата.
– Ова се признанија лично од министрите Зоран Ставрески и Гордана Јанкуловска кои ќе го потврдат она на што ние до сега предупредувавме – апсурдните трошења на пари и фактот дека е фалсификувана вистината на економската состојба во Република Македонија. Сето тоа е по налог на еден човек – Никола Груевски, изјави Заев во понеделникот.
Претходно Заев објави снимки од телефонски разговори помеѓу, како што тој изјави на 27-ми минатиот месец, премиерот на Република Македонија Никола Груевски и министерот Миле Јанакиевски поврзани со уривањето на објектот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски. Само два дена пред тоа, Заев во рамките на четвртата „Бомба“ објави дека биле прислушувани над 100 новинари „и од провладините медиуми и професионалните новинари кои критички ги опсерираат состојбите во државата“. Заев тогаш напомена дека најследениот новинар во Република Македонија бил сопственикот на неделникот „Фокус“, Никола Младенов. Тој тогаш објави делови од шест телефонски разговори кои биле обезбедени, како што рече, од храбрите луѓе на службите на Груевски кои со него ги споделиле материјалите. (Крај)
извор: Инпрес фото: архива