јули 30, 2019

Куманово/Охрид, 30. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Од СДСМ, од свети СДСМ нека е, од каде сака нека е. Законот е еднаков за сите и мора да важи за сите. МВР постапува по пријавата за насилство од Нефи Усеини, а општината донесе решение за уривање на дивоградбата, порача денес македонскот премиер Зоран Заев.

– Ако општината не може да го спороведе решението, владата ќе ги преземе тие интеренции. Ако направил физички напад, ќе одговара, не судам во делот на вина, истрагите ќе си покажат. Предрасуди нема спрема никој. Има општини каде СДСМ нема контрола врз мнозинството во Советите, па тие функционираат нормално. Немаме резерви дали ќе изгубиме мнозинство или не, се работи за закон. Без разлика на последиците. Ова прашање не треба да се политизира, изјави премиерот Зоран Заев во Куманово.

Претходно денес, Вицепремиерот, Бујар Османи, изјави денеска дека од ДУИ била воспоставена комуникација со Охрид, како што рече, по инцидентот завчера кога советникот на ДУИ во Општина Охрид, Нефи Усени, нападнал професор и жител на Охрид затоа што пријавил див приклучок на водоводната мрежа.

– Одговорот што го добивме од таму беше дека доколку се почне со неселективно рушење на дивоградбите, ќе ја имаме честа да почнеме од него со рушење. Зошто го кажувам ова, бидејќи неселективниот пристап е најважен. Нема потреба да се партизира и политизира оваа работа. Секој си носи одговорност за постапките, рече Османи за дивоградбата кај чинарот во Охрид.

Реакцијата дојде откако вчера се случил инцидент на улицата „Сатеска“ во Охрид, при што бил нарушен е јавниот ред и мир.

– Во посочениот период регистриран е физички напад извршен од страна на 44-годишниот Н.У. и уште едно лице врз 60-годишниот И.И. од Охрид. Н.У. е повикан во Полициската станица во Охрид и е извршен службен разговор и против него и вториот напаѓач ќе биде поднесена соодветна пријава, информираат од СВР Охрид.

За немилиот настан со реакција излегоа и од ВМРО-ДПМНЕ од каде напоменаа дека „не запира дивеењето на насилникот Нефи Усеини. Најомилениот градежник на власта вчера нападнал човек, му се заканувал дека ќе го убие и го влечел по земја.“

Движењето Еко герила остро го осудија нападот и заканите и најавија дека реакцијата ќе биде испратена и до меѓународните организации и амбасади, како потсета дека еден од клучните услови за започнување преговори со ЕУ е судската реформа, борбата против корупцијата и организираниот криминал и владеењето на правото. Од Еко герила ги повикуваат Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи итно да одговорат и да ги казнат сторителите, без разлика на политичката поддршка што можеби ја имаат. (Крај)

извор: Вечер/ОхридПрес фото/видео: Вечер

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука