Охрид, 5. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Парламентарните партии во Македонија се договорија локалните избори да се одржат на 15-ти октомври, а во овој момент не гледам никакви причини за нивно одложување, истакна денес од Охрид македонскиот премиер, Зоран Заев.
Постапките за избори партиите ги започнаа порано, затоа што имаше други датуми за дефинирање на кандидатите за градоначалници, кои потоа беа прекинати поради развлекувањето на изборот на Влада и формирањето на парламентарното мнозинство.
– Јас мислам дека утре претседателот на Собранието ќе донесе решение за распишување на локалните избори коишто согласно законот е дефинирано да бидат распишани од 70 до 90 дена до денот на нивно одржување, рече Заев.
Кандидатските листи партиите треба да ги дефинираат и да ги поднесат во првата половина на септември, а кампањата почнува на 25-ти септември. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива