Охрид, 20. декември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Претседателот на македонската Влада Зоран Заев денес изврши обиколка и увид на отпочнувањето на санацијата на колекторскиот систем за Охридско Езеро.
– Денеска, после неполна година подготовки и барање најдобри решенија и финансиски средства за реализација, започнуваат работите на чистење и реконструкција на колекторскиот систем во охридско-струшкиот регион од наслагите и корењата од дрвјата и санација на цевководот на колекторот. Дополнително ќе се поправат или ќе бидат заменети сите редуктори на сите 18 препумпни станици, ќе се санира целиот систем за прочистување на отпадните води во пречистителната станица и ќе се изврши комплетно чистење на атмосферската и канализационата мрежа во должина од околу 300 километри во Охрид и Струга, рече премиерот Заев во врска со санацијата на колекторскиот систем во охридско-струшкиот регион, за кој се обезбедени 4,2 милиони евра од Буџетот.
Премиерот Заев истакна дека овој значаен и сериозен зафат се презема поради несеопфатната реализација и негрижата за одржувањето на системот за прочистување на отпадните води создадоа сериозни еколошки штети и закани за Охридското Езеро и за природните убавини и реткости во неговото опкружување, иако како што подвлече сознанијата за последиците биле познати изминатите години.
– Во наредните 5 месеци, ќе го поправиме тоа што со години беше запуштено од негрижа и недејствување. Охридското езеро и заштитеното подрачје опфатено со УНЕСКО се наша гордост, но и грижа на сите нас, и затоа следува комплетна санација на колекторскиот систем. Нашата намера е да покажеме дека знаеме и дека се грижиме за нашите скапоцености, и тоа оваа Влада ќе го докаже, подвлече претседателот на Владата.
Претставниците на компанијата „Еко Тим“ ДОО Скопје ги образложија техничките податоци и постапки околу процесот на санација на колекторскиот систем за Охридско Езеро. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива