октомври 23, 2021

Охрид, 23. октомври 2021 (ОХРИДПРЕС) – На овие избори, граѓаните ќе одлучат во кој правец ќе се движи Охрид, дали тоа ќе биде редот, правдата, правичноста и вложувањето во граѓаните и економскиот развој или неправдата, уништувањето на градот и езерото и трошењето на парите во криминални тендери, порача денеска од Охрид премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев.

Тој ги повика охриѓани да се обединат и побара да му дадаат поддршка на партискиот кандидат д-р Константин Георгиевски, кој во вториот круг со околу 2.000 гласа заостанување ќе се трка со д-р Кирил Пецаков, кандидатот од ВМРО-ДПМНЕ.

– Грижата за заштита на Охрид и Охридското Езеро изминатиот период беш покажана со тоа што се зачува статусот на УНЕСКО, се вложија над четири милиони евра за колекторскиот систем, се даде помош на Охрид од над половина милијарда денари за одблокирање на Општината. Изборот од овие избори го одредуваат правецот во кој ќе се движи Општина Охрид и нејзините граѓани. Дали тоа ќе биде редот, правдата, правичноста и вложувањето во граѓаните и економскиот развој или неправдата, уништувањето на градот и езерото и трошењето на парите во криминални тендери. Како централна власт овие четири години бележиме важни економски успеси и тоа е потврдено со бројни статистички податоци и параметри: за само четири години сите плати се во просек зголемени за над 6.000 денари; ја намаливме невработеноста под 15,9 отсто; за 300 отсто ја зголемивме социјалната помош; обесштетиме 13.000 стечајни работници, воведовме државна социјална пензија, порача Заев.

Тој објави и дека во општините каде кандидатите на коалициските партнери на Социјалдемократите ќе се соочат со кандидати од опозициските партии во вториот изборен круг, СДСМ ќе даде поддршка на тие од коалицијата, меѓу нив и на Рамиз Мерко во Струга, за кого партискиот лидер Зоран Заев претходно изјавуваше дека се „изгореле“ што го поддржале на изборите во 2017 година.

– Секаде каде сме поставени со коалициските партнери, а СДСМ нема свој кандидат, кога од спротивната страна е опозициска партија, во принцип ја даваме поддршката на коалицискиот партнер. Така што, во Струга даваме поддршка на Рамиз Мерко, во Кичево на Фатмир Дехари, во Гостивар на Невзат Бејта, во Чаир на Висар Ганиу и соодветно во другите општини. Исто како што ја очекуваме и ја добиваме поддршката од нашите коалициски партнери, истакна Заев.

Кога станува збор за останатите општини, како што кажа и претходно, онаму каде во вториот круг ќе се соочат кандидати од партиите кои се во коалицијата на централно ниво, како што е Тетово каде ќе се избира помеѓу Теута Арифи од ДУИ и Билал Касами од Беса, СДСМ нема да поддржи никого, туку ќе остави членството по слободно убедување да ја избере опцијата која смета дека е најдобра за општината. (Крај)

извор: 360 степени фото: ПлусИнфо

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука