Скопје, 16. март 2020 (ОХРИДПРЕС) – Лидерот на СДСМ, Зоран Заев истакна дека здравјето на граѓаните е на прво место, па затоа повикува да има лидерска средба, која како што рече, може да ја свика и претседателот Стево Пендаровски.
На денешната прес конференција тој им се заблагодарни на сите луѓе кои се вклучени во справувањето со кризата и за сите даде низа пофалби, за својата пред се’ професионалност и снаодливост.
– Сега не е време за политички противници, сега не е време за политички и лични рејтинзи. Време е граѓаните да бидат обединети и политичарите да бидат обединети за една цел, здравјето на граѓаните. Мораме да продолжиме да ги следиме мерките, да ги заштитме најблиските и да се заштитиме самите ние. Денеска, јас во името на СДСМ, повикувам да се организира лидерска средба на која ќе се разговара за одложување на изборите. За нас е прифатливо и претседателот Пендаровски да јас вика оваа средба, рече Заев.
Тој посочи дека ќе се помага интензивно во помагање на бизнис секторот и дека серија мерки кои ќе ги преземаат власта и министрите ќе бидат објавени многу скоро.
– Наша задача како граѓани е целосно и строго да ги почитуваме мерките. Забранет е влез на лицата кои доаѓаат од држави висок или среден ризик, затворени се сите гранични премини освен петте најголеми, а затворен е и аеродромот во Охрид. Ризичните групи се ослободени од работни обврски, како и еден од родителите. Ако има потреба, а ќе има, мерките ќе се зголемат. Се трудиме сите максимално да нема нови жаришта, да нема жртви, туку излекувани. Сликите од земјава да не бидат како во северна Италија и Вухан. Но, за тоа треба да се однесуваме одговорно и зрело, затоа што се работи за здравјето на нашите најблиски, рече Заев. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива