март 6, 2015

Скопје, 6. март 2015 (ОХРИДПРЕС) – Зборувавме дека Никола Груевски ги краде изборите и со фалсификат избори се одржува на власт и ги користи сите државни институцуии и механизми за конктрола на гласачкото тело. Денес ги разобличуваме изборните грабежи на Никола Груевски, изјави на денешната прес конференција претседателот на СДСМ Зоран Заев, во рамките на „Вистината за Македонија“ и седмата т.н. „Бомба“.

– Ќе слушнете како оваа група која е на власт ги мести и ги краде изборите во Република Македонија. Почнуваме со презентација на злоупотребите на Никола Груевски и тесна група околу него при грабежите во изборните циклуси кои се невидени и незапаметени во светски рамки. Фалсификати на лични документи, казни во илјадници евра во фирми притисоци врз земјоделците, наставниците социјално загрозените се дел од измамите. Слушнете како ги злопотребувале пензионерите и институциите кои на денот на изборите работеле како штабови на ВМРО-ДПМНЕ, истакна Заев.

Денешната прес конференција доаѓа само неколку дена по последната на која тој објави информации, за како што кажа, директивите кои ги давал премиерот Груевски за подигнување милионски кредити од странство, буџетските трошоци, рекламите, но и честа и достоинството на народот и државата.

– Ова се признанија лично од министрите Зоран Ставрески и Гордана Јанкуловска кои ќе го потврдат она на што ние до сега предупредувавме – апсурдните трошења на пари и фактот дека е фалсификувана вистината на економската состојба во Република Македонија. Сето тоа е по налог на еден човек – Никола Груевски, изјави Заев во понеделникот.

Претходно, првиот човек на СДСМ објави снимки од телефонски разговори помеѓу, како што тој изјави на 27-ми минатиот месец, премиерот на Република Македонија Никола Груевски и министерот Миле Јанакиевски поврзани со уривањето на објектот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски. Само два дена пред тоа, Заев во рамките на четвртата „Бомба“ објави дека биле прислушувани над 100 новинари „и од провладините медиуми и професионалните новинари кои критички ги опсерираат состојбите во државата“. Заев тогаш напомена дека најследениот новинар во Република Македонија бил сопственикот на неделникот „Фокус“, Никола Младенов. Тој тогаш објави делови од шест телефонски разговори кои биле обезбедени, како што рече, од храбрите луѓе на службите на Груевски кои со него ги споделиле материјалите. (Крај)

извор: Инпрес фото: архива видео: Тв нова

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука