Охрид, 5. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Со Законот за употреба на јазиците ја унапредивме употребата на јазиците на сите заедници во Македонија, а сите одредби во законското решение се согласно Член 5 од Уставот. Пакетот го праќаме на усвојување во парламентот, а потоа откако ќе биде усвоен, го праќаме на венецијанската комисија, порача денес од Охрид премиерот на Република Македонија Зоран Заев, откако вчера Владата го усвои текстот на Законот за употреба на јазиците.
– Со Законот ќе се прошири употребата на службениот јазик што го зборуваат најмалку 20 % од граѓаните, што значи дека во институциите, граѓаните ќе говорат на свој јазик, истакна Заев.
Тој напомена дека Владата е определена да им овозможи на сите граѓани полесно да функционираат во секојдневниот живот и во комуникацијата со институциите. Го ветивме овој закон како дел од нашиот концепт – едно општество за сите граѓани. Заев истакна дека јазичните политики ќе се сообразуваат согласно потребите на граѓаните од сите етнички заедници.
– Она што е особено значајно е што овој закон целосно ја гарантира соодветната употреба на македонскиот јазик и на другите јазици кои се во службена употреба во одредени единици на локалната самоуправа. Двете прашања кои останаа отворени се дискутабилни во јавноста, ги испраќаме после донесувањето на законот до Венецијанска комисија. Тоа е двојазичноста на парите и униформите во одбраната. И во моментов, на самите пари, на банкнотата од 100 денари има атрибути од културата на друга етничка заедница. Во делот на парите, во идното нивно изработување ќе има одредени атрибути кои што ја отсликуваат културата на албанците, но и културата на другите помали етнички заедници, порача Заев од Охрид.
Македонскиот премиер во Охрид беше заедно со заменик претседателот на Владата задолжен за спроведување на Рамковниот договор Хазби Лика, Вицепремиерот Бујар Османи и министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Со законот дополнително се уредува употребата на албанскиот јазик во разни области од општеството.
Од владата вчера најавија дека откако законот ќе биде усвоен во Собранието за него ќе биде побарано мислење од Венецијанската комисија. Дел од македонските медиуми веќе го објавија текстот на Законот, според кој ќе има двојазични унформи во местата каде најмалку 20% од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот и според кој јазикот што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните (албански јазик), исто така е службен јазик заедно со неговото писмо.
Законот во Собранието ќе влезе со европско знаменце, нешто за што вечерва се пофали на фејсбук и вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи. Законот за албанскиот јазик е дел од колицискиот договор меѓу Зоран Заев и Али Ахмети. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес