Скопје, 2. март 2015 (ОХРИДПРЕС) – Првиот човек на СДСМ Зоран Заев продолжи со објавување на информации во рамките на „Вистината за Македонија“, односно ја „фрли“ шестата т.н. „Бомба“.
На прес конференција во Скопје тој објави информации, за како што кажа, директивите кои ги давал премиерот Груевски за подигнување милионски кредити од странство, буџетските трошоци, рекламите, но и честа и достоинството на народот и државата.
– Ова се признанија лично од министрите Зоран Ставрески и Гордана Јанкуловска кои ќе го потврдат она на што ние до сега предупредувавме – апсурдните трошења на пари и фактот дека е фалсификувана вистината на економската состојба во Република Македонија. Сето тоа е по налог на еден човек – Никола Груевски, изјави заев на денешната прес конференција.
Овие разговори разјаснуваат зошто била нервозата кај власта кога беа исфрлени новинарите и пратениците на опозицијата надвор од Собранието и зошто тогаш буџетот требало да се донесе зад затворени врати, истакна Заев.
– Ќе слушнете и признание од министерката Јанкуловска дека полицијата тепала на протестите пред Општина Центар и дека таа потоа морала да се оправдува пред евроамбасадорот Орав, додаде Заев.
Новата шеста бомба на Заев дојде откако во последната тој објавни снимки од телефонски разговори помеѓу, како што тој изјави на 27-ми минатиот месец, премиерот на Република Македонија Никола Груевски и министерот Миле Јанакиевски поврзани со уривањето на објектот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски. Само два дене пред тоа, Заев во рамките на четвртата „Бомба“ објави дека биле прислушувани над 100 новинари „и од провладините медиуми и професионалните новинари кои критички ги опсерираат состојбите во државата“. Заев тогаш напомена дека најследениот новинар во Република Македонија бил сопственикот на неделникот „Фокус“, Никола Младенов. Тој тогаш објави делови од шест телефонски разговори кои биле обезбедени, како што рече, од храбрите луѓе на службите на Груевски кои со него ги споделиле материјалите. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива видео: СДСМ