јули 29, 2019

Скопје, 29. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Ќе се интензивира реконструкцијата и доградбата на колекторскиот систем за што е формирано државното претпријатие „Колектор“ и се обезбедени 200 милиони денари за санација, истакна денес премиерот Зоран Заев одговарајќи на новинарски прашања на прес-конференција во Владата.

Тој додаде дека Владата работи на нејзините обврски и дека во таа насока, по укажувањата на УНЕСКО, се откажани проектите за патна инфраструктура во заштитеното подрачје и средствата за нив се реалоцирани.

– До крајот на годината ќе го донесеме и Планот, кој е обврска согласно со УНЕСКО. Во иднина тој План ќе значи режим во управувањето со Охрид и Охридското Езеро и крајбрежјето, во делот на градби, одобренија за градба, легализација на објекти и во делот на севкупниот раст и развој на Струга и Охрид, а и на општината Дебрца која спаѓа овде, заради почитување на стандардите на УНЕСКО, истакна Заев.

Според премиерот, за висок економски раст не треба да се оди по цена на изградба на нови хотели на крајбрежјето на Охридското Езеро зашто ако се загуби заштитата од УНЕСКО, ќе нема ни туристи.

– Ако за сметка на растот ги уништиме сите други вредности, тогаш џабе е растот. Ако го уништиме здравјето на луѓето, ако ја уништиме екологијата, ако го уништиме статусот од УНЕСКО, и сто хотели да изградиме во Струга ќе нема туристи ако не е под заштита од УНЕСКО, рече Заев.

Во општините треба да се има менаџмент за севкупното градење, но не значи дека треба да се гради во централните подрачја на општините, рече Заев. Истакна дека во Струга, има три видливи хотели, но има уште други десетина до 15 хотели.

– Не треба да се ставаат комплетни мораториуми, но треба да се има менаџмент таму каде што е тоа изнасилено… Не мора хотелот да го ставите на плажата, може да го направите малку повнатре, во периферијата или на други места каде што нема да го загрозат статусот на УНЕСКО, додаде премиерот. (Крај)

извор: Влада фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука