Скопје, 29. февруари 2024 (ОХРИДПРЕС) – Заклучно со синоќа до 20:00 часот, собрани се вкупно 52.733 потписи за кандидатите кои претендираат да влезат во изборната трка за претседател на државата.
Засега, Максим Димитриевски, Бујар Османи и Арбен Таравари имаат собрано над 10.000 потписи. Кандидатката Билјана Ванковска, предложена од Левица е близу до влез во изборната трка, заклучно со вчера има собрано 9.085 потписи, а зад неа е Стевчо Јакимовски од ГРОМ со 7.994 потписи.
Кандидатите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова немаат потреба од потписи, бидејќи во претседателската трка ќе влезат со 30 пратенички потписи. Но, сепак од нивните таботи најавија дека и тие ќе собираат потписи од граѓаните.
Собирањето потписи трае до 8. март, а се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари. Подрачните одделенија работат две смени, од 08:00 до 20:00 часот, додека последниот ден на 8-ми март ќе работат до 24 часот. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива