Охрид, 28. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Oд денес започнуваат Божикните пости во чест на празникот Христово рождество, кои ќе траат до 6-ти јануари.
Основата врз која се појавил Божикниот пост бил постот спроти празникот Богојавление, кој во Црквата се празнува од III век, а во IV век бил поделен на празниците Рождество Христово и Крштение Господово. Божикниот пост започнува на 15/28 ноември и трае до 25 декември/7 јануари, односно 40 денови, поради што во Типиконот, како и Великиот пост, се нарекува Четириесетница. По зборовите на блажен Симеон Солунски, „постот на Божикната Четириесетница го изобразува постот на Мојсеј, кој откако постел 40 денови и 40 ноќи, ги добил на камени табли Божјите заповеди. А ние, постејќи 40 денови, го созерцуваме и го примаме живото Слово од Дева, изобразено не на камења, туку воплотено и родено, и се приопштуваме на Неговата Божествена плот“. Божикниот пост е установен за да се очистиме за денот на Рождеството Христово преку покајание, молитва и пост, за со чисто срце, душа и тело да можеме благоговејно да Го сретнеме Божјиот Син, Кој дојде во светот и за Нему да Му го принесеме нашето чисто срце и решеност да го следиме Неговото учење.
Македонската православна црква, за постот вели дека под пост, во поширока смисла на зборот, се подразбира севкупниот наш христијански живот и начин на постоење во Црквата, опфаќајќи ја тука и молитвата. Затоа, условно, постот можеме да го поделиме на телесен и духовен. Во потесна смисла под зборот пост најчесто го подразбираме телесниот пост, којшто е воздржување од некои јадења во деновите и временските периоди што Црквата ги одредила во текот на годината. Овие денови точно треба да се запазат и никој да не измислува, без благослов, повеќе или помалку од она што Црквата од Светиот Дух вдахновена го определила.
Оние пак, што побожно и редовно го запазуваат постот, секогаш треба да го почувствуваат како подготовка за Света Причест со Телото и Крвта Христови.
Постот ќе трае 40 дена, односно до Божик 7-ми јануари – денот на раѓањето на Исус Христос. Бидејќи датумот на Божик не се менува, постот секоја година почнува на 28-ми ноември, а завршува на Бадник, 6-ти јануари.
Христијанскиот пост е воведен по примерот на Исус Христос, кој 40 дена поминал во пустина во пост и молитва. Постот претставува духовна и телесна подготовка на човекот за влез во тајната на претстојниот празник. Божикниот пост е втор по должината на траењето, веднаш по Велигденскиот. Во однос на „строгоста“ за употреба на храна Божикниот пост е „поблаг“, бидејќи дозволува користење на вино, зејтин и риба. Строгиот пост на вода се налага во првата и последната недела, како и секоја среда и петок.
Во Православната црква практика е во текот на Божикниот пост верниците да се исповедаат и по можност да се причестат за да бидат што подостојни во подготовката за празнување на Христовото раѓање – Божик. Целта на постот е да се „исчистат“ духот и телото, што се постигнува не само со воздржување од мрсна храна, туку и од лоши мисли, зборови и дела. За време на Божикниот пост посни се и сите славски трпези.
Правило (типик) за Божикните пости.
Со Канонот на Православната црква предвидени се еднодневни и повеќедневни пости.
Еднодневните пости се во среда и петок, Водокрст на 18-ти јануари, Отсекувањето на Главата на Св. Јован Крстител на 11-ти септември и Крстовден на 27-ми септември.
Повеќедневни пости се Велигденските, Петровденските, Богородичните и Божикните пости.
Лицата кои доследно ги почитуваат правилата постат и секоја среда и петок, бидејќи тоа се деновите кога Христос е осуден и кога умрел на крстот. (Крај)
извор: mpc.org.mk фото: архива