Охрид, 3. мај 2017 (ОХРИДПРЕС) – Од денес до 31 мај ќе се вршат уписи за првачиња во основните училишта.
Од образовните институции во Охрид се надеваат дека и во учебната 2017/2018 година ќе биде во нагорна линија бројот на деца, кои прв пат ќе седнат во училишните клупи и ќе го започнат своето образование. Минатата учебна година, за прв пат по неколку години, во Охрид беше забележано зголемување на бројот на првачињата.
– Во тек се уписите, ќе траат цел месец. Има доволно време родителите да ги прибават потребните документи и да ги запишат своите деца во прво одделение. Уписите се вршат секој работен ден. Оваа година имавме пет паралелки прводделенци и една паралелка во подрачното училиште во Рача, велат од ОУ „Григор Прличев“.
Иако рокот секоја година е до крајот на мај, во зависност од интересот, постои можност да се направат исклучоци за продолжување на рокот.
Вообичаено, децата кои ќе се запишат, ќе бидат тестирани.
– Конкурсот е наменет за децата кои се родени 2011 година и јануари 2012 година. По нивното пријавување, ќе имаме средби со децата во групи, со учество и на родителите, каде ќе се набљудува општото однесување на децата. Во нашето училиште минатата година беа формирани 3 паралелки со прводделенци, информираат од ОУ „Свети Климент Охридски“.
При уписот во училиштето, родителите за своите деца треба да донесат извод од матична книга на родени, лекарска потврда од матичен лекар за примените задолжителни вакцини и потврда за систематски преглед од стоматолог. При запишувањето на учениците во прво одделение потребно е да биде присутно детето, кое родителот го запишува во деветолетка. Уписот на учениците го врши комисија за упис на првачиња, формирана од директорот на училиштето, составена од стручна служба и одделенски наставници. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива