Охрид, 21. октомври 2024 (ОХРИДПРЕС) – Започна бесплатната и комерцијална вакцинација против сезонски грип.
Во Охрид имунизацијата ќе се одвива секој работен ден од 07:30 до 15:00 часот во Центарот за јавно здравје. Вакцината е висококвалитетна, четиритипна, а производител е Abbot biological од Холандија.
Бесплатната вакцина е наменета за ризичните групи граѓани лица постари од 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени и деца на возраст од 6 месеци до 5 години.
Специјалист епидемиолог д-р Јованка Стурлакова Коровешоска за Супер радио и ОhridPress информира дека интересот за вакцинација годинава е поголем од лани, неделава вакцина треба да примат 1.440 лица кои се пријавиле на порталот vakcinacija.mk и добиле термин. Д-р Стурлакова Коровешоска апелира до оние кои треба да се вакцинираат да не доаѓаат ако имаат настинка, течење нос или некоја инфекција, туку тоа да го направат кога целосно ќе оздрават.
– Вакцинацијата започна денес од 07:30 часот, има поголем интерес за разлика од минатата година, оваа недела имаме закажани 1.440 лица од ризичните групи за вакцинирање. Апелирам до оние што имаат настинка, течење на нос да не доаѓаат во таква состојба на вакцинација. Вакцината им стои седум дена, прво да оздрават, па потоа ќе примат вакцина, потенцира д-р Стурлакова Коровешоска.
Покрај бесплатната вакцинација, Центарот за јавно здравје Охрид обезбеди и комерцијални вакцини за заштита од сезонски грип од истиот производител, за лицата кои не спаѓаат во ризичните групи. Цената за една доза е 700 денари, а за примање не е потребно претходно закажување. Во текот на денешниот ден пет лица веќе се имунизирале со комерцијална вакцина.
Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна мерка за превенција на грип, која спречува појава на потешки форми, компликации и смртен исход особено кај ризичните групи. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес/архива