Охрид, 19. ноември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Од денес во охридскиот Центар за јавно здравје започна имунизацијата против сезонски грип.
Набавени се 2 000 дози висококвалитетна четиривалентна вакцина од француско потекло, а цената е 650 денари. Вакцинирањето ќе се врши секој работен ден од 08:00 до 14:00 часот.
И за оваа сезона се обезбедени бесплатни вакцини, а имунизацијта ќе започне на 25-ти ноември. Право на ваква вакцина имаат лица над 65 години, лица со хронични заболувања, бремени жени и здравствени работници и деца на возраст од 6 месеци до 5 години, а за тоа мора да обезбедат упат од матичен лекар. Центарот за јавно здравје обезбеди вкупно 2 400 дози бесплатни вакцини, од кои 1 350 за Охрид.
Мобилни екипи на Центарот за јавно здравје повторно ќе вршат вакцинација против грип во домашни услови за лицата кои не можат да дојдат во амбулантите, постари од 65 години како и за лицата со хендикеп или телесен инвалидитет.
Десет до петнаесет дена е потребниот период за да се создадат антитела и имунизацијата да има ефект.
Грипот, или инфлуенца, е заразна болест предизвикана од вирусите на рибонуклеинската киселина, од фамилијата на вирусите на грипот. Најчести симптоми кои што се јавуваат при оваа болест се треска, настинка, воспалено грло, болки во мускулите, неподносливи главоболки, кашлање, изнемоштеност или омалаксаност и неудобност. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива