Започна доделувањето на садови за отпад од пластика и хартија за домаќинства од определени, четири улици
декември 4, 2024

Охрид, 4. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – ЈП „Охридски Комуналец“, во соработка со Општина Охрид започна со доделување на садови за отпад од пластика и хартија за домаќинства од определени, четири улици.

Садовите се 120 литарски за депонирање на селектиран отпад и тоа 600 садови (жолти) за депонирање отпад од пластика и 600 садови (сини) за депонирање отпад од хартија за домаќинства од улиците „Будва“, „Винковачка“, „Прилепска“ и дел од улицата „Железничка“, на потегот од кружната сообраќајница на „Железничка“, пресекот со улица „Егејска“, до сообраќајната клучка на влезот од Охрид-петља од десната страна од улицата.

– Садовите за депонирање селектиран отпад од пластика и хартија, вкупно 1.200 садови, се донација од Министерството за животна средина и просторно планирање. Покрај тоа, министерството донира и 56 контејнери со капацитет 1,1 м3 чија намена е депонирање на селектиран отпад од хартија и пластика и истите ќе бидат поставени на фреквентни локации во градот. Придобивките од оваа акција за селекцијата и рециклирањето на отпадот се повеќекратни. Селекцијата е најдобар начин да се зачува животната средина, се намалува потрошувачката на нови суровини, се намалува користењето на енергијата, се намалува загадувањето на воздухот и водата, а од друга страна неговата реупотреба продуцира профит и намалување на количествата на отпад кои завршуваат на депонија, информираат од локалната самоуправа.

напоменуваат дека доколку при доделувањето на садовите за отпад од пластика и хартија, корисниците од горенаведените улици не се затекнат во своите домови, должни се во рок од 15 дена да ги подигнат од Р.Е.„Механизација“, на улицата „АСНОМ“, бб. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука