Охрид, 28. февруари 2015 (ОХРИДПРЕС) – Педесет нуркачи од Македонија и Албанија, од Нуркачкиот клуб „Амфора“ од Охрид и од охридскиот клуб за подводни дејности, започнаа со реализирање на најавениот проект за пренуркување на Охридското Езеро.
Мисија, која навидум изгледа едноставна, но ни малку не е лесна, затоа што дури и за професионалните нуркачи е потребна голема психофизичка подготвеноства, најави пред официјалниот почеток на нуркачката мисија, Милутин Секулоски, меѓународен нуркачки инструктор од Охрид. Според него, станува збор за прв ваков потег во меѓународни рамки.
Во денешните активности на нуркачите беше нуркање до длабочина од 10-на метри и позиционирање на точката од каде ќе се нурка понатаму кон струшкиот дел.
– Овој проект севкупно ќе трае три до четири месеци. Денес бевме во вода околу еден час, како симболично започнување на проектот, но вистинските истражувања започнуваат од утре. Просечно дневно ќе нуркаме од 90 до 120 минути. Со нас ќе бидат колеги од Албанија, а нашиот колега Енрик Мато исто така ќе ни даде максимална поддршка. Не е тешко за нуркање за оној кој е професионалец. Но, како континентална вода, Охридското Езеро нуди некои специфики, кои се многу интересни и за многу луѓе кои доаѓаат од странство, изјави Секулоски.
Нуркачите имаат пред-сознанија дека би можело да се најде нешто, кое досега не било истражено, посебно кон Струга и кон албанскиот дел.
Стручен лекарски тим постојано ќе биде со нуркачите и ќе се следи нивната здравствена состојба.
– Сите подготовки се завршени во хипербаричната комора. Тоа е во случај ако има некакви промени во здравствената состојба кај нуркачите. Ова е затоа што не станува збор за нуркање од ден-два и потоа долг период одмор, туку ќе се нурка секојдневно, а тоа е притисок за организамот, вели доктор Горан Балески.
Генерален спонзор на проектот е „Пелистерка“. Средства одвои и Општина Охрид.
– Како што се знаете, овој подвиг е многу поголем од она што е видливо. Во светот не постои ваков настан. Пожелно е сите да дадеме поддршка на овој проект. Ако гледаме подалеку, за неколку месеции ќе имаме таков богат подводен снимен материјал. Нема цена ова што го прават нуркачите, рече Ангел Јанев, претставник од Општина Охрид.
Проектот се состои од нуркање во водите на Охридското Езеро. Нуркањата ќе бидат на длабочина од 5 до 15 метри. Ќе биде опфатен и албанскиот дел. Ќе се врши фотографирање, снимање под вода и позиционирање на одредени пронајдени работи под вода.
Посебна поддршка и помош на нуркачите им пружи Полкот за специјални операции од Армијата на Република Македонија. Поддршка на денешната прва акција дадоа спасителите на вода од Црвениот крст од Охрид и членови на Извидничкиот одред „Пионер“. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес