февруари 8, 2017

Охрид, 8. февруари 2017 (ОХРИДПРЕС) – Од Општинската организација на Црвен крст Охрид потенцираат дека започна новиот циклус на активности од програмата ЦКА-ПХВ (Црвен крст во акција-промоција на хумани вредности).

Овој проект веќе 12 години се реализира во Црвен крст Охрид како дел од националната програма на Црвен крст на Р.Македонија.

– Целта на оваа програма е да се мобилизираат младите на возраст од 14-18 години да стекнат соодветни знаења и вештини кои понатака ќе ги применат во изработка на проекти преку кои се гради взаемно разбирање, толеранција и култура на дијалог како основен предуслов за создавање на интеркултурно општество. Најважно е што воедно се помага на ранливите категории на граѓани во локалната заедница, велат од Црвен крст Охрид.

Оваа година 45 младинци со голем интерес и посветеност ја следат ПХВ обуката која на интерактивен и креативен начин ја водат двајца национални инструктори, коинструктор и дисеминатор на ПХВ програмата.

Обуката се одвива во три циклуси, во периодот од 1-ви до 15-ти февруари. По завршување, младите ќе бидат оспособени за работа на терен во истражување на потребите на заедницата, пронаоѓање на целни групи и начини за реализација на конкретна помош на оние на кои помошта им е најпотребна. Организирани во тимови во наредните два месеци младите ќе изработуваат мали проекти од големо значење за заедницата. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука