Охрид, 24. октомври 2019 (ОХРИДПРЕС) – Од денес до сабота Охрид ќе биде домаќин на „Охридскиот дијалог: Искористување можности и креирање идни партнери во Западниот Балкан“.
Истиот е организиран од Атлантскиот Совет (Atlantic Council) и Охридската Група со поддршка на Владата на Република Македонија.
Министерот за надвореши работи, Никола Димитров, имаше воведно обраќање на неформалниот прием со кој се одбележа започнувањето на стратешкиот дијалог за унапредување на прогресивните и напредни решенија за предизвиците со кои се соочува Македонија и регионот.
На настанот присуствуваат голем број на дипломати и претставници од владиниот и невладиниот сектор од Европа и Америка. Меѓу нив на вечерата присуствуваат поранешниот генерален секретар на НАТО – Лорд Џорџ Робертсон и Дејмон Вилсон од Атланскиот совет кој ќе ја води неформалната дискусија.
Настанот се организира во очекување на полноправното членство на Република Македонија во НАТО. Има за цел да отвори дискусии за сегашните и идните стратешки цели на државата, за креирање партнери на регионално и меѓународно ниво и за создавање нови идеи за политики и развој. На овој настан се очекува да присуствуваат високи сегашни и поранешни функционери од регионот, САД, Велика Британија, ЕУ, НАТО, како и аналитичари и меѓународни новинари. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива