септември 19, 2019

Белчишта, 19. септември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Започна санацијата на Спомен училиштето во селото Црвена Вода, во кое се сместени Спомен собата на ГШ НОВ и ПОМ и Спомен собата на писателот Ванчо Николески, информираат од општина Дебрца.

– Дебрца освен со сочувани природно наследство, биолошка разновидност и автентичност, се одликува и со богато историско наследство, градено од разните слоеви на цивилизации и култури, напластени на овие простори низ историјата и поради што со право го носи епитет Славна Дебрца. Затоа, имаме обврска да се однесуваме одговорно кон нашата историја, култура и традиција, да го чуваме и заштитиме нашето богато историско и културно наследство. Едно од тие историски места е селото Црвена Вода. Во Црвена Вода, во текот на НОБ се донесени пресвртните одлуки за Македонија, а пред се Манифестот на Главниот штаб на НОВ И ПОМ. Манифестот до македонскиот народ, од 1943 година, по своето значење, е еднаков со Крушевскиот манифест од 1903 година и во него е претставена платформата на македонската државност , односно Асномска Македонија. И не случајно, 3-ти Октомври, Денот на Манифестот до македонскиот народ, од 1943 година, воедно е и Ден – Патронен празник на општина Дебрца, дополнуваат од локалната самоуправа.

Ќе се изврши демонтажа на старите подови и прозорци, бетонирање на подовите, поставување на керамички плочки, молерисување на внатрешни ѕидови, нови прозорци, нова електрична инсталација, фасада, изработка на конзолна настрешница пред влезот и др. Вкупната вредност на работите изнесува 589.535 денари, средства обезбедени од Буџетот на општината за 2019 година. (Крај)

извор: Општина Дебрца фото: Општина Дебрца

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука