Охрид, 18. јули 2024 (ОХРИДПРЕС) – Синоќа започна седмото издание на Beach Film Festival.
Фестивалот и годинава ќе понуди програма со филмски проекции и музички перформанси на четири локации во Охрид, и тоа на плажите „Славија“ и „Сараиште“, брод „Армада“ и Младински Центар Охрид.
– Beach Film Festival секоја година расте не само квантитативно со бројот на филмови кои се прикажуваат, но и квалитативно со изборот на европски филмови. Фестивалот од година во година станува препознатлив бренд на летната сезона во Охрид и особено ја привлекува младата публика која го одбира Охрид за летен одмор целно во периодот додека трае фестивалот, велат организаторите.
Годинешното издание на фестивалот го отвори филм „Живи и Здрави“ (Forever hold your peace), а во главната програма ќе се прикажат уште шест долгометражни европски филмови и тоа: Rodeo, Summer to come, Afire, Milk, Some birds и Pelican.
Покрај главната програма, на фестивалот ќе се прикажат и 14 краткометражни филмови, вклучувајќи и филмови од домашната продукција, филмови на Ана Јакимска, Елеонора Венинова, Јане Спасиќ и Димитар Банов, а за музичката програма ќе се погрижат бендовите Sioto Jazz и Xarakiri, диџејките Baila, Dj MarТian и музичкото дуо SIZ.
Како најава за годинашното фестивалско издание од 3-ти до 7-ми јули беа прикажани шпански филмови за сите возрасти, вклучувајќи ги и најмалите. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: Gjoko Simjanoski