Охрид, 10. ноември 2019 (ОХРИДПРЕС) – Во Охрид денес започна работниот дел од состанокот на лидерите на Западен Балкан.
Претседателот на Владата на Македонија Зоран Заев, Претседателот на Србија Александар Вучиќ и премиерот на Албанија Еди Рама ќе ја презентираат вчера утврдената декларација со листа на приоритети и мерки за подобрување на регионалната соработка и за остварување на заедничката цел, членство во ЕУ, пред Претседавачот на Советот на министри на Босна и Херцеговина Денис Звиздиќ и министерката за економија на Црна Гора Драгица Секулиќ.
– Го започнавме состанокот со лидерите на Западен Балкан, со цел подобрување на регионалната соработка и остварување на заедничката цел – членство во ЕУ. Од Охрид, сите присутни испраќаме јасна порака дека преку заедничка координација и активности практикуваме европски манири – дома, зајакнувајќи ги европските вредности и градиме Балкан за 21 век. Регион на стабилност и просперитет, порача премиерот Заев.
На денешната програма на состанокот на лидерите на земјите од Западен Балкан се наоѓа и пленарна сесија со претставници на Европската Унија, на Советот за регионална соработка, на Светската Банка, на Европската банка за обнова и развој, на Европската инвестициска банка, по што ќе се одржи и заедничка прес- конференција. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: архива