јануари 3, 2018

Охрид, 3. јануари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Со почетокот на годинава стартува скрининг програма за рано откривање на карцином на дебело црево.

Тестовите за ова заболување ќе се прават во Центарот за јавно здравје во Охрид и подрачните единици во Струга и Дебар со претходен упат од матичен лекар.

– Се работи за ФОБ тестови што откриваат, детектираат присуство на хемоглобин во фецес (столица) и тие тестови ќе бидат работени овде, во микробиолошката лабораторија на Центарот за јавно здравје Охрид и подрачните единици во Струга и Дебар. Тестовите, тубите, епруветите каде што се става материјалот од три последователни фецеси, се наоѓаат веќе кај матичните лекари во амбулантите, вели директорот на Центарот за јавно здравје, Сашо Точков.

centarzajavnozdravje

Земениот материјал ќе може да се остави за анализа во амбулантите на социјална медицина секој ден од 08:00 до 13:00 часот. Резултатите ќе бидат готови за половина час, а ќе бидат издавани во периодот од 13:30 до 14:30 часот.

За подрачјето на општините Охрид, Струга, Дебар, Центар Жупа, Вевчани и Дебрца се обезбедени 900 тестови.

Според истражувањата на Центарот за јавно здравје, ракот на дебелото црево е на трето место по зачестеност во нашиот регион. Бројката на заболени во 2007 година била 130, додека пак во 2016 година била 175. Разликата не е голема, но сепак се забележува пораст кај сите малигни заболувања, па токму затоа се спроведуваат превентивните програми. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука