Струга, 23. август 2017 (ОХРИДПРЕС) – Со традиционалното садење дрво во „Паркот на поезијата“, во чест на лауреатот на „Златен венец“, американскиот поет Чарлс Симиќ и читање на Константиновата „Т`га за југ“, пред Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, денеска започнува 56-тото издание на фестивалот Струшки вечери на поезијата.
По засадувањето дрво во „Паркот на поезијата“, на првото поетско читање ќе настапат дел од учесниците меѓу кои и годинешниот лауреат, Чарлс Симиќ. Свеченото отворање на фестивалот ќе биде во 20:30 часот на платото пред Центарот за култура „Браќа Миладиновци“. Традиционално вечерта следува меѓународно поетско читање „Поетски меридијани“ на кое ќе настапат триесетина поети од странство и од земјата.
– Во текот на шесте фестивалски дена предвидени се педесетина настани – поетски читања, портрети, претставувања на издавачките проекти, сипозиуми, дебати, музички и други случувања. На програмата е и портрет на минатогодишниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга на македонски јазик објавена меѓу две фестивалски изданија Иван Џепароски, но и поетски читања на поети од потесниот избор за оваа награда за 2017 година. Портрет ќе има и добитникот на наградата „Мостови на Струга“, која СВП и УНЕСКО ја доделуваат за најдобра дебитантска книга Горан Чолакхоџиќ од Хрватска. Како дел од фестивалот е и програмскиот сегмент „Поезија на пат“, што годинава ќе се реализира во Охрид, Битола, Ресен и Скопје. Настанот се организира во соработка со општина Ресен и Центарот за култура „Драги Тозија“ од Ресен, а ќе се одржи во четврток со почеток во 20:30 часот. Настанот кој е во соработка со Центарот за култура од Битола ќе се одржи во петок со почеток во 20:00 частот. Оваа година во Охрид, во „Куќата на Уранија“ на МАНУ во четврток и петок се предвидени поетските читања на дел од овогодишните учесници на СВП. По поетскиот портрет на лауреатот, кој традиционално се одржува во црквата Св. Софија во Охрид, во 22:30 часот на плоштадот ќе започне големиот поетски митинг насловен како „Созвучја“. Официјалното затворање на годинешното издание, со поетскиот митинг „Мостови“ ќе се одржи во недела, на 27-ми август. Со пост-фестивалските настани во Матка и со поетското читање кај Камениот мост во Скопје ќе заврши програмата на 56-тите Струшки вечери на поезијата, информриаат организаторите.
На 56-тите Струшки вечери на поезијата ќе учествуваат 30-тина поети од земјава и странство, меѓу кои дел од најзначајните поетски творци во светски рамки, како: Дуо Дуо, Ен Мајклс, Ришард Криницки, Јанис Рокпелнис, Хабиб Тенгур и други атрактивни имиња од светот од помладата генерација.
– Оваа година СВП со поетски читања на поранешните добитници на наградата „Браќа Миладиновци“ ќе го одбележи 55-годишниот јубилеј од нејзиното востанувување. Неизоставно и оваа година на локациите покрај Охридкото Езеро ќе се одржуваат музичко-поетските „Ноќи без интерпункција“, додаваат од СВП. (Крај)
извор: СВП фото: СВП