јануари 12, 2018

Вевчани, 12. јануари 2018 (ОХРИДПРЕС) – Од денеска до недела сите патишта ќе водат кон Вевчани, започнува празнувањето на Василица и традиционалниот карневал.

Во пресрет на главниот карневалски настан викендов, вечерва свои настапи ќе имаат „Pluto’s Doubts“, „Фолтин“ и диџеј сет на Кирил Џајковски.

– Карневалот годинава е во викенд и очекуваме многу посетители од земјава и од странство. Вевчанскиот е најстар карневал, со најдолга традиција во Македонија и пошироко. Уникатен е и единствен, а учесниците ја имаат сета слобода да критикуваат и иронизираат, рече градоначалникот на Вевчани, Сашо Јанкоски.

Дефилето под маски е утре од 13:00 часот, а вечерта за дочекот на Стара Нова година за забавата на василичарите и гостите на Вевчани ќе ги забавуваат Чалгија саунд систем, Џамбо Агушев оркестар и Блага Петреска.

Кулминацијата на настанот е во недела, на 14-ти јануари. Сретсело ќе има василичарско оро на околу илјада маски, а карневалот ќе заврши во попладневните часови со традиционалното палење на маските.

vevcanianastas5

vevcanianastas7

Вевчанскиот карневал е стар 1.400 години, според своите специфични особини се одвојува од останатите во светот поради неговата архаичност, традиционалност, таинственост и уникатни маски. И годинава ќе ги има традиционалните маски „зет и невеста“, „Глупавиот Август“ и музичарите, а секако и маските со кои се жигосуваат појавите и личностите од општествениот живот. За времетраењето на карневалот, вевчанци од целиот свет се прибираат дома за да учествуваат во оваа претстава на отворено, во која има место за секој добронамерник со карневалски дух. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука