News from Ohrid, Vesti od Ohrid, Ohrid news. Вести од Охрид, Новости Охрид, Информации од Охрид 24 часа - Брзо, точно, проверено...
ноември 6, 2024

Охрид, 6. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Денеска започнува програмата за одбележување на 80-годишнината од ослободувањето на Охрид.

Вечерва од 18:00 часот во галеријата при Центарот за култура „Григор Прличев“ ќе биде отворена изложбата на фотографии „Охрид од високо“ на Нина Анѓелоска. Во изложбениот салон од 18:30 часот ќе биде отворена изложба на уметнички слики од охридскиот сликар Славко Упевче, а во 19:00 часот во големата сала при Центарот за култура ќе се одржи Свечена академија по повод 80 години од одлободувањето на Охрид. Пред присутните ќе се обрати градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков, а ќе се одржи и културно-уметничка програма.

За утре се предвидени повеќе активности. ЈП „Охридски Комуналец“ ќе го одбележи Патрониот празник, а ќе биде положено и свежо цвеќе на спомен-обележјата од НОБ, на Градските гробишта, пред Основниот суд во Охрид, во Градскиот парк и во дворот на СОСУ „Св. Кирил и Методиј“. Свежо цвеќе ќе биде положено и пред спомен-обележјето на Јасна Ристеска и во спомен-паркот на револуцијата, каде ќе се обрати и претставник на ОО на Сојузот на борци од Охрид и Дебрца. Во 13:00 часот ќе започне „Ohrid fly Festival“, Европски куп во параглајдинг, чие свечено отворање ќе се одржи на СРЦ „Билјанини извори“ со поздравни говори на градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков и министерот за спорт во Владата на Република Македонија Борко Ристовски. Како дел од програмата е и промоцијата на книгата „Охридски летопис“ од проф. д-р Павле Митрески и м-р Димитар Смилески, свечената приредба по повод Патрониот празник на ЈОУДГ „Јасна Ристеска“ од 19:00 часот во СРЦ „Билјанини извори“ и Седмоноемврискиот концерт на учениците од ОМУ „Методи Патче“ во концертната сала на училиштето.

Во петок, на 8-ми ноември со почеток во 12:00 часот во големата сала на Општина Охрид ќе биде промовирана книгата „Тие доаѓаат“, книга III – охридските ученици во чест на 80 годишнината од ослободувањето на Охрид.

Во сабота, на 9-ти ноември со почеток во 18:00 часот во кафе бар „Шила“ ќе биде промовирана книгата „Модра мрежа“ од Марина Икомовска Шоќева. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука