јули 21, 2019

Охрид, 21. јули 2019 (ОХРИДПРЕС) – Во организација на Здружението за развој и промоција „За Трпејца со љубов“ од Охрид, од вечерва до 29-ти јули во Трпејца ќе се одржи Културно-забавното лето „На зајдисонце“.

Манифестацијата ќе ја отвори Претседателката на Советот на општина Охрид Живка Ангелоска, а на чинот се очекува да присуствува и градоначалникот Мирослав Коварик од општина Модра, Чешка.

Први на манифестацијата која од година во година привлекува сè повеќе туристи во оваа крајезерска населба ќе настапат играорците од Фолклорниот ансамбл „Бисери“ под уметничко раководство на Татјана Узуноска Тренеска. На фолклорот и традицијата ќе им претходи отворањето на ликовната изложба на отворено – избор на дела од првото издание на Уметничката колонија „Трпејца 2018“ одржана во организација на истото здружение минатиот септември и помогната од Министерството за култура. Публиката ќе може да ги види делата на охридските уметници: Ѓоко Симјаноски, Слободан Пупиноски и Свето Стефановски, како и на браќата Гоце и Владимир Илиевски од Скопје.

Денеска по 17:00 часот почнува дводневната работилница за деца „Цртаме на зајдисонце“ под раководство на уметникот Слободан Пупиноски. Ден потоа, но и наредните денови творбите на младите уметници ќе бидат изложени на фестивалската сцена.

Од веќе традиционалните активности ќе бидат застапени: „Фаќаме риба на јадица“, кајакарската регата „Номче Митрески“ и прошетката низ Националниот парк „Галичица“ по патеката Чоколско. (Крај)

извор: ОхридПрес фото: архива

@OhridPress – Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на OhridPress значи дека се согласувате со условите за преземање, кои се објавени тука