Охрид, 18. декември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Православните верници вечерва го одбележуваат Заслугот пред големиот празник Свети Никола, за кој велат дека „половина Македонија го слави, а половина оди на слава“.
На 19-ти декември, се празнува големиот христијански празник Свети Никола Чудотворец, или кај народот познат како светецот, кој е заштитник на децата, морепловците, девојките, сиромашните, учениците, пекарите, аптекарите, трговците, патниците.
Многу македонски семејства вечерва и утревечер со богата посна трпеза на која преовладуваат рибата и посните сарми ќе го прослават празникот. Во народното паметење овој лик останал како заштитник на патниците, посебно на оние што патуваат по вода, но и по тоа што, како за време на животот така и по смртта, ги помагал сиромавите, ги заштитувал затворениците и неправедно осудените, ги откупувал робовите и ги пуштал на слобода.
На овој ден сите бродови каде и да се наоѓале ги спуштале сидрата и до следниот ден одморале, оддавајќи му почит на тој начин на овој светец. Во очи на празникот често бродовите застанувале додека морнарите му се помолат на светителот и потоа продолжувале.
Е. Спространов за обичаите во Охрид забележал дека Св. Никола бил тој: „Шо и поиљвит морињата. Тога каде и да се најт гемиџија или пампур останвит таму макар стрет море да је ќе се заприт и ќе го држит (ќе го празнуват). Св. Никола е фенерлија, праит чудеси“.
На овој ден според традицијата никако не треба да перете алишта, да се чисти куќата и да се прават било какви домашни работи. Постои верување дека на овој ден никој не треба да го потсетувате на долг, ниту додатно да му ја отежнувате положбата затоа што е должник.
Во некои краеви се одржал обичајот да им се подаруваат подароци на децата бидејќи Свети Никола е нивен заштитник. Затоа, израдувајте ги децата со некаков ситен подарок. Тие ќе бидат среќни, а вам ќе ви биде убаво, како што наложува народната традиција.
Во Македонија има повеќе цркви посветени на Свети Никола. Култот за Св. Никола е познат од VI век, а најстарото житие за него потекнува од IX век. Важел за заштитник на целото население и од целиот свет, поради што високо го ценат сите христијани. (Крај)
извор: mpc.org.mk фото: архива