Струга, 22. септември 2017 (ОХРИДПРЕС) – Поради постоење основи на сомнение за сторени две казнени дела „тешка кражба“ и едно казнено дело „кражба“, полициската станица од Струга поднесе кривична пријава против 26-годишен жител на Струга.
Истиот издржувал затворска казна во Казнено поправната установа во Прилеп од каде бил пуштен на дводневен викенд во Струга.
Пријавениот, казнените дела ги извршил во текот на минатиот месец употребувајќи подесен алат со кој ги скршил стаклата од два патнички автомобили паркирани во близина на фудбалскиот стадион во Струга.
На 19 и 20-ти август, пријавениот, ги искршил задните стакла од патнички автомобили марка „Фолксваген Пасат“ со кичевски регистарски ознаки и „Голф“ со тетовски регистарски таблички, по што влегувал во возилата и вршел пребарување во внатрешноста. Притоа, одземал пари, облека, чанти и други предмети. На 20-ти август, по претходно извршена кражба во возило, пријавениот се упатил на плажата во близина на стадионот. Тука тој бил фатен во момент кога сакал од алиштата на жител на гостиварското село Дебреште да одземе чанта во која имало 500 денари. (Крај)
извор: СВР Охрид фото: архива