Охрид, 27. февруари 2015 година (ОХРИДПРЕС) – Градежната фирма „Илинден“ од Струга ќе го гради затворениот градски пазар во Охрид, одлучи Советот на Општина Охрид на денешната седница.
Според општинскиот секретар Димитар Спасески, Охрид конечно ќе добие затворен зелен пазар на четири нивоа, кој, како што рече, ќе биде препознатлив белег на градот.
– Објектот ќе го гради реномираната градежна компанија „Илинден“ која е една од најбонитетните кај нас. Ќе има четири нивоа. Во подрумскиот дел ќе има 100 паркинг-места од кои 10 ќе добијат на трајно користење општина Охрид и јавното претпријатие „Градски пазар“. На приземјето ќе биде сместен затворениот зелен пазар. Квадратурата на приземјето е 1.913 метри квадратни при што 1.230 метри нето површина ќе припадне на затворениот зелен пазар односно на општина Охрид и јавното претпријатие, а 683 метри, во најголем дел ходници, влезови, лифтови и останати заеднички простории ќе ги гради притиватниот партнер, појасни Спасески.
Како што додаде тој, на првиот кат ќе бидат изградени 2.433 метри кавдратни простор и тој ќе му припадне на приватниот партнер, а на вториот кат, 200 метри квадратни метри деловен простор ќе добие општина Охрид.
– Приватниот партнер се обврзува да ја напарави и фасадата на сегашната стара и дотраена зграда во градскиот пазар. Ќе биде реконструиран целосно покривот од кој протекува вода, а приватниот партнер се обврзува и да изведе етажна плоча на просторот каде што во моментов се продава текстил што значи дека ЈП „Градски пазар“ ќе добие простор на две нивоа, рече Спасески.
Toj кажа дека првиот чекор што бил направен откако со општината раководи сегашната гарнитура било репрограмирање на кредитот и спасување на зградата која се наоѓа кај постоечкиот градски пазар и која била хипотекарно оптоварена.
– „Охридски комуналец“ сега во континуитет ги исплаќа ануитетите од кредитот, додаде тој.
На донесувањето на одлуката за избор на приватен партнер којшто ќе го гради новиот затворениот градски пазар, претходеше бурна расправа на претставниците на локалната власт и опозицијата. Откако секретарот излезе да го образложи проектот, опозициските членови ја напуштија седницата и се вратија штом тој го заврши својот говор.
Координаторот на советничката група на СДСМ Јован Стојаноски, истакна дека давањето на градскиот пазар на приватен партнер под вакви услови како што беа изгласани, ќе претставува огромна штета за општината.
– Ние како СДСМ и коалициските партнери никогаш не сме биле против развојот на Охрид, па дури и сметаме дека изградба на еден затворен зелен пазар е добра придобивка која би значела подобар живот и економија во Охрид. Ние бевме против начинот на кој е донесена оваа одлука. Против сме, општината да учествува со капитал од 50 проценти исто како и приватниот парнер, а на крај да биде распределен имотот во сооднос 20 спрема 80 за приватниот пратнер.
Напуштањето на седницата од страна на опозициските советници, според Стојаноски било заради процедурални причини.
– Реагиравме на давањето збор на секретарот на општина Охрид којшто не беше ни повикан. Во материјалите коишто ги добивме во однос на оваа точка беше наведено дека претставник на општината за оваа точка е Тони Иваноски. Ние баравме да му се одземе збор. И претседателката на Советот призна дека е направена грешка, но сепак зборот не му беше одземен на Спасески и тој и понатаму зборуваше. Затоа ја напуштивме седницата, рече Стојаноски.
На донесувањето на одлуката за пазарот се спротивставија и советниците од ВМРО-Народна, според кои таа ќе биде штетна за граѓаните и за Охрид зашто, само 20 проценти од целокупниот имот ќе остане за општината.
– Се спротвставивме на начинот на којшто оваа Локална самоуправа ја прави постапката за изградба на затворен градски пазар. ВМРО-ДПМНЕ како и многупати досега ја манипулира јавноста. Во предизборната кампања и во изборната програма имаше ставено дека сите објекти кои се од јавен интерес во Охрид ќе ги гради со сопствени средства, но и со поддршка на Владата, рече советникот на ВМРО-НП Јоне Станкоски.
Предлог-одлуката за избор на приватен партнер за изградба на административно-деловна трговска зграда која вклучува и изградба на затворен зелен пазар беше усвоена со 15 гласа, а шестмина советници беа против. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес