Охрид, 26. ноември 2024 (ОХРИДПРЕС) – Денеска од 09:00 часот во храмот на Свети Климент Охридски на Плаошник се служи заупокоена Света Архиерејска Литургија, по повод упокојувањето на Митрополитот Дебарско-кичевски г. Тимотеј.
Со Литургијата ќе чиноначалствува викарниот епископ на Дебарско-кичевската епархија, Неговото Преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј.
– Свештенството, монаштвото и верниот народ на Дебарско-кичевската епархија се обединети во молитвата за покој на неговата душа, со надеж на воскресение и светло блаженство. Неговиот живот и служба беа светол пример за пастирска љубов, пожртвуваност и посветеност кон Црквата Божја, велат од Дебарско – кичевската епархија.
Посмртните останки на Митрополитот Тимотеј ќе бидат изложени за проштално збогум од почетокот на Светата Литургија, па сѐ до крајот на вечерната служба.
Митрополитот Тимотеј почина вчера, по кратко боледување, на 73 годишна возраст. (Крај)
извор: ОхридПрес фото: ОхридПрес